Телескопот „Џејмс Веб“ фотографира астероидни појаси надвор од Сончевиот систем
На оддалеченост од 25 светлосни години од Земјата се наоѓа Фомалхаут, една од најсветлите ѕвезди на ноќното небо. Системот Фомалхаут го привлекува вниманието на астрономите со децении, но тие дури сега го разбираат подобро благодарение на вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“.
Во студијата објавена во списанието Nature Astronomy, група научници составена главно од астрономи од Универзитетот во Аризона и лабораторијата за млазен погон на НАСА, тврдат дека системот Фомалхаут е многу покомплексен од претходно проценетото.
Астрономите од 1983 година знаат дека 440-милиони години стариот Фомалхаут е опкружен со отпадна прашина, но тие не очекуваа дека ќе има три различни полиња со отпад околу ѕвездата. Еден од нив, кој е најблиску до Фомалхаут, е сличен на астероидниот појас во нашиот Сончев систем, но е многу поширок од очекуваното. Како што пишува New Scientist, внатрешниот астероиден појас на Фомалхаут се протега од околу седум астрономски единици од ѕвездата до околу 80 астрономски единици. Тоа е околу 10 пати пошироко од очекувањата на астрономите кога станува збор за внатрешниот астероиден појас.
Сепак, ова не е најинтересната карактеристика на системот Фомалхаут. Надвор од неговиот внатрешен астероиден појас има уште еден појас со ѓубре кој е наведнат за 23 степени во однос на сè друго во орбитата на ѕвездата.
„Ова е навистина уникатен аспект на системот“, изјави Андрас Гаспар, водечки автор на студијата, за Science News. Тој додаде дека навалениот појас би можел да биде резултат на постоењето на планети во орбитата на Фомалхаут кои астрономите сѐ уште не ги откриле.
„Појасите околу Фомалхаут се еден вид мистерија. Каде се планетите? Мислам дека не е погрешно да се каже дека има навистина интересен планетарен систем околу ѕвездата“, рече Џорџ Рике, еден од астрономите кои учествуваа во истражувањето.
Сепак, тоа не е сѐ. Уште подалеку од Фомалхаут се наоѓа надворешен прстен од отпад сличен на Кајперовиот појас на нашиот Сончев систем. Вклучува карактеристика што Гаспар и неговите колеги ја нарекоа Големиот облак од прашина. Не е јасно дали оваа карактеристика е дел од системот Фомалхаут или нешто што сјае подалеку, но астрономите се сомневаат дека настанала кога се судриле две вселенски карпи широки повеќе од 400 милји (640 километри). Гаспар и тимот веруваат дека три или уште повеќе планети со големина на Уран и Нептун би можеле да орбитираат околу Фомалхаут. Тие моментално ги анализираат сликите од телескопот „Џејмс Веб“ кои може да го откријат постоењето на овие планетоиди.