„Телеком“ ги демантира изнесените тврдења во предметот со компанијата „Фокуснет“


Фото: Б. Грданоски

 

„Македонски телеком“ преку соопштение ги демантира тврдењата изнесени во јавноста кои произлегуваат од предметот кој е во постапка помеѓу него и компанијата „Фокуснет“, наведувајќи дека тие се „невистинити и неаргументирани“.

„И покрај тоа што оваа постапка според Законот за Судски совет е тајна, во јавноста беа изнесени нецелосни и неточни информации од страна на суспендираната судијка Наташа Савовска-Димитровска и нејзиниот полномошник, со што јавноста се доведува во заблуда. Токму поради тајноста на постапката и законските ограничувања, компанијата не е во можност да ја достави на јавен увид целосната одлуката на Судскиот совет, кој на 73 страни ги аргументира причините за нејзино разрешување и суспендирање“, вели „Телеком“ во соопштението.

Компанијата вели дека се работи за речиси дведецениски судски спор, кој „Македонски телеком“ го води со „Фокуснет“, за наводна штета што „Македонски телеком“ му ја нанел на „Фокуснет“.

„Телеком“ вели дека „Фокуснет“ е компанија со блокирана сметка повеќе од 20 години, но бара милионски суми отштета, за наводно претрпена штета за бизнис кој е непостоечки. Според „Телеком“, првосетепениот суд го одбил тужбеното барање на „Фокуснет“ и утврдил дека нема основа за наплата на штета. Во второстепената постапка по жалба на „Фокуснет“, Апелацискиот суд во Скопје, без одржување на јавна расправа  ја преиначува првостепената пресуда непосредно пред судската ферија и носи одлука дека „Македонски телеком“ треба да исплати штета на Фокуснет од речиси 4 милиони евра.

Македонски Телеком согласно законски расположливите средства, упати барање до Судскиот совет поради сомневањата за незаконско водење на второстепената постапка.

Во јавно објавените информации во извештајот на комисијата за утврдување на факти при Судскиот совет од август 2024 година,  утврдени се сериозни индиции за постоење на два записници заради кои Судскиот совет го алармирал Јавното обвинителство.

Од страна на Комисијата за утврдување на факти при Судскиот совет во август 2024 година, констатирано е дека во жалбениот предмет се најдени доверливи интерни документи на „Македонски телеком“, кои не биле изведени како докази ниту во првостепена, ниту во второстепена постапка, ниту се јавно достапни.

По ова Апелацискиот суд Скопје  ја преиначи одлуката на првостепениот суд и на компанија со блокирани сметки повеќе од 23 години и без вработени и досуди отштета од речиси 4 милиони евра.

„Македонски телеком“ верува дека надлежните институции ќе постапат согласно законот и дека владеењето на правото ќе биде во целост применето.