Телефонски разговор Варвициотис –Пинчер за Брегзит


Заменик-министерот за надворешни работи на Велика Британија, Кристофер Пинчер во телефонски разговор, по негова иницијатива, го информирал алтернативниот шеф на грчката дипломатија, Милтиадис Варвициотис, за новиот предлог на британскиот премиер Борис Џонсон и иницијативата за компромисен излез од ЕУ, jави дописничката на МИА од Атина.

Како што соопштуваат од Министерството за надворешни работи на Грција, Варвициотис, кој е надлежен за Брегзит од грчка страна и Пинчер разговарале за излезот на Велика Британија од ЕУ и зајакнување на грчко- британските односи и по напуштањето на унијата.

-Британскиот заменик министер потенцираше дека Обединетото Кралство се стреми кон излез од ЕУ со договор, оставајќи ги зад себе сценаријата за no deal Brexit, а изрази и убедување дека новиот предлог ќе има парламентарна поддршка, наспроти предлогот на Меј што не успеа да помине во британскиот парламент. Господинот Варвициотис истакна дека е жално што еден од нашите клучни партнери ја напушта Унијата, истовремено истакнувајќи дека Грција е исто така за излез на Обединетото Кралство со договор, соопштуваат од грчкото МНР.

Варвициотис на Пинчер му го поставил и прашањето за школарината на грчките студенти во Велика Британија и задржувањето на ниско ниво и по 2021, а го споменал и „правото на престој на 110 илјади Грци во Британија, како и 50 илјади Британци во Грција“.