„Тела за еднократна употреба“ – видеоинсталација на словенечката уметница Лара Рајхман


Во студиото „Приватен принт“ во Скопје вечер во 19 часот ќе биде отворена видеоинсталација „Тела за еднократна употреба“ на словенечката уметница Лара Рајхман.

Поставката, која ќе биде отворена до 26 март, ќе биде проследена со уметнички разговор меѓу Лара Рајхман и Тиа Чичек, кураторка и истражувачка од Љубљана.

„Тела за еднократна употреба“ ги преплетува историските факти и фикцијата, црпејќи од приказната за жените астрономски компјутери, жени вработени во опсерваторијата Харвард кон крајот на 19 век, кои документираат и мапираат ѕвезди на ноќното небо. Видеоинсталацијата, со својата историска позадина и самата поставка, користи метафора и поетски наратив за да го постави прашањето кој останува запаметен и како телата стануваат алатки во системи базирани на податоци.

Лара Рајхман (1995) е визуелна уметница од Љубљана, Словенија, која работи во областа на видео, анимација и дигитална графика. Комбинирајќи историски фрагменти со фиктивни наративи, таа (пре)обмислува приказни за заборавени, избришани или недостижни места, како и фигури кои постојат на маргините на запишаната историја. Нејзините неодамнешни проекти се фокусираат на слики од далечинско набљудување и фотографија како алатки за екстракција на податоци, преиспитувајќи ја објективноста на таквиот визуелен материјал и дисперзираната гледна точка што ја овозможуваат дигиталните технологии. Преку употреба на кинематографски и театарски елементи, таа истражува различни пристапи кон раскажувањето приказни во рамките на изложбените простори.

Оваа изложба е дел од групната изложба „Светло минато е пред нас“ курирана од Илија Прокопиев и Марија Христова, првично создадена и поставена во галеријата „Шкуц“ во Љубљана во јуни 2025 година. Во 2026 година, се сели во студиото на Приватен принт како дисперзирана програма од 5 мали самостојни изложби во текот на целата година.

Инсталацијата на Лара Рајхман во Скопје се реализира во копродукција со галеријата „Шкуц“ Љубљана. Изданието на „Светло минато е пред нас“ во 2026, е кофинансирано од Министерството за култура на Северна Македонија.

Програмата на уметнички разговори е курирана од Јана Старделова и организирана во соработка со Tиииит! Инк., а поддржана од Kvinna till Kvinna и Embassy of Sweden in Skopje.