„Teatro“ – промовиран италијанскиот превод на Горан Стефановски во Амбасадата на РСМ во Ватикан
Во Амбасадата на Северна Македонија при Светата Столица вчера се одржа прием во пресрет на новогодишните и божиќните празници, на кој беше промовиран италијанскиот превод на одбрани драми од Горан Стефановски, под наслов „Teatro“, на иницијатива на кураторот на преводот, Ана Стефановска.
Амбасадорката Ефремова во своето обраќање се осврна на значењето на македонската литература и делото на Горан Стефановски, како еден од најистакнатите македонски драматурзи и автори на современата писателска генерација.
Презентација одржа преведувачот Ана Стефановска, инаку, внука на Горан Стефановски и ќерка на гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски, која покрај сижето на целокупниот творечки опус на Горан Стефановски, презентираше и кратки апстракти за секоја од седумте селектирани драми во преводот.
Обраќање имаше и Fausta Speranza, реномиран писател и новинар на Радио Ватикан, која даде свој осврт кон значењето на Стефановски како реномиран македонски автор, не само во промовирањето на македонската култура, туку и во развивањето на интеркултурните и транс културалните врски надвор од земјата. Таа изрази надеж дека преводот на италијански јазик на делата на Стефановски значително ќе придонесе во насока на стимулирање на активности од овој вид.
Горан Стефановски (1952-2018) почина пред три години, во ноември, по кратко боледување на 66 години во Кентербери, Велика Британија. За дописен член на МАНУ беше избран во 2004 година, а беше и долгогодишен член на Македонскиот ПЕН-центар. Стефановски беше професор на Факултетот за драмски уметности и од 2000 година – професор на Универзитетот во Кент, Англија.