Таравари за куршумот пред врата: И да пукате тешка артилерија, промената нема да запре


Фото: Б. Грданоски

Претседателот  на  Алијанса за Албанците и актуелен градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, се огласи за инцидентот со куршумот што го пронајде пред својот дом и го сфати како закана.

-Денеска кај мене дома полициски екипи вршеа увид затоа што пред мојот дом е пронајден куршум, со јасна мафијашка заканувачка порака. Жал ми е за моето семејство, а особено за мајка ми која особено лошо ја доживеа оваа ситуација. Жал ми е за оние политичари кои покажуваат дека нивниот аргумент за премолчување на нечиј глас се куршуми, куршуми кои ме потсетуваат на Италија од 1992 година кога мафијата го уби познатиот судија Џовани Фалконе. За тоа ми е жал, но тука завршува моето жалење и почнува мојата радост, затоа што разбирам дека тие што ја држеа оваа земја во заложништво, се во очај од пораз“, вели Таравари.

Според него, во голема неволја е секој што кога ќе му снема зборови, му останува само куршум.

„Кој и да го испукал тој куршум, му велам: ‘И да пукате тешка артилерија, промената започна и нема да запре’. Можете да ме убиете, а тоа би била голема загуба за моето семејство и жал ми е што и моите деца го читаат ова. Но, ти би убил само еден човек, што ќе правиш со илјадниците, стотици и милиони луѓе кои веќе се кренати на нозе? Не можеш да молчиш, да убиеш, да запреш народ. Ви благодарам на сите што ме поддржувате! Го правите моето срце планина! Промената ја започнавте со мене или без мене. Промената е готова!-напиша Таравари на Фејсбук.

За денешниот случај со неиспуканиот куршум пронајден пред домот на Таравари осуда стигна и од неговите сопартијци, со кои изминатите денови се во отворен раздор околу учеството на Алијанса за Албанците на претстојните избори.