Таравари се согласил да биде претседателски кандидат на албанската опозиција?


Фото: Б. Грданоски

 

Прво велеше дека не е заинтересиран за предлогот на трите опозициски партии во албанскиот блок, но расколот во неговата сопствена партија изгледа го премисли. Според пишувањата на неколку медиуми, сѐ уште актуелниот претседател на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, наводно се согласил да биде кандидат за претседател на албанската опозиција.

Одлуката, како што јавува Алсат, била донесена вечерва на заедничка средба на лидерите на коалицијата „Европски сојуз за промени“ и треба официјално да биде соопштена.

Претходно денеска, лидерот на Алтернатива Гаши на „Фејсбук“ напиша  дека албанската опозиција многу скоро ќе го објави својот кандидат за претседател за кого рече дека ќе биде почитувано име кое ги надминува етничките и политичките граници и ќе биде ретка можност во Македонија по првпат да се ирази мултиетничкиот карактер на државата.

„Денеска, кога и официјално се распишуваат претседателските избори, сакам да ја информирам јавноста дека ‘Европскиот сојуз за промени’ веќе има свој кандидат за претседател. Сојузот има кандидат кој влегува во оваа трка за да победи и да стане претседател на С Македонија, кој нема да биде ‘другиот’, туку ќе биде ‘нашиот’“, напиша Гаши.

Оваа кандидатура на Таравари веројатно ќе биде последна точка на поделбата на неговата партија и се претпоставува дека речиси сигурно ќе биде разрешен од функцијата претседател на итниот конгрес в недела, 18 февруари.

Во исто време тоа ја комплицира и ситуацијата на ДУИ – дали да предложи свој кандидат за претседател или не. Доколку остане без кандидат има големи шанси огромниот дел од гласовите да се слеат кон Таравари како „претставник“ на Албанците.