Таравари се подели од партијата, вели крилото на Села
Аднан Незири вели дека има обезбедено мнозинство за именување на новите министри

Координаторот на пратеничката група на Алијансата за Албанците, Аднан Незири на денешната прес-конференција во Собранието истакна дека имаат обезбедено мнозинство за гласање на новите министри за здравство и информатичко општество и администрација, Илир Демири и Наим Бајрами на местото на досегашните министри Азир Алиу и Фатмир Меџити.
„Да, имаме мнозинство и ова работа денеска ќе биде завршена“, рече Незири и посочи дека целата процедура ќе зависи од обраќањата на пратениците.
Коментирајќи го вчерашниот собир на Алијансата за Албанците во Куманово свикана од претседателот Арбен Таравари, Незири нагласи дека тој собир не бил легитимен врз основа на Статутот на партијата. Потенцира дека од информациите кои ги поседуваат на вчерашниот состанок имало помалку од 40 членови, а не 75 членови како што кажаа вчера на состанокот.
„Тие не се реални, затоа што и и тој настан не беше Собрание, зашто се знае врз основа на Статутот тоа може да го свика претседателот на Собранието на партијата и има рок од седум дена. Легално Собрание на Алијансата за Албанците ќе биде тоа свикано за в сабота во 13 часот во Скопје. Тоа е легално и процедурално врз основа на Статутот и правните процедури“, рече тој.
Незири нагласи дека партијата не е поделена, туку претседателот на партијата е поделен од партијата, затоа што, како што рече, неговата комуникација не била врз основа на процедурите и правилата што се бараат во партијата.
Според Незири, нема да има две Алијанси, заради тоа што, како што рече, ќе има Централно претседателство легално и на тоа ќе се одлучува дека има само една Алијанса, а грешката што ја направил претседателот е обврска на тој што треба да даде одговорност, односно отчет.
На новинарско прашање дали на утрешното Собрание ќе бараат од Таравари да даде оставка, Незири рече тој треба да присуствува како член на партиското собрание и да даде отчет. Ако не дојде утре, рече тој, тоа ќе биде на негова одговорност и посочи дека тој има обврска да присуствува оти е член на Собранието на партијата.