Таравари се фалеше дека го ослободил Рамадани, ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека го ослободиле судиите на СДСМ и ДУИ

Кого се обидуваат да залажат институциите дека ова не е целосно сценарио за ослободување реализирано од МВР, порачуваат од СДСМ


Фото: Б. Грданоски

ВМРО-ДПМНЕ излезе со смешно соопштение тврдејќи дека за бегството на Блерим Рамадани, што го бара со потерница Србија, виновни се судиите што го ставиле во куќен притвор, а не МВР што требало да го контролира, одејќи понатаму – обвинувајќи ги за тоа СДСМ и ДУИ – иако министерот Арбен Таравари јавно се пофали дека „го ослободиле“ Рамадани.

„Го поздравувам ослободувањето на поранешниот војник на ОВК, Блерим Рамадани!
Неговото ослободување беше мисија што ја исполнивме и неговата слобода не прави сите среќни!“– напиша Таравари на Фејсбук на 4 август. Според некои информации, Таравари го избришал постот.

Рамадани инаку доби мерка куќен притвор еден ден откако во посета на Македонија дојде министерот за внатрешни работи на Косово Џелал Свечла.Сепак,  ВМРО-ДПМНЕ не слушнала за постот на Таравари, тврдејќи дека токму оваа епизода покажува зошто треба да се реформира судството и да се распуштат судскиот и обвинителски совет.  Наспроти овој став, кога судиите ги ослободуваа обвинетите за корупција од СЈО, тврдеа дека тоа го прават поради влијание од владеечките партии.

„Совршено јасно е дека Блерим Рамадани е пуштен во домашен притвор од каде избега од истите судии кои со години му слугуваат и го штитат криминалот на СДС и ДУИ. Зошто не реагира Судскиот совет на ваквата одлука на судиите? Затоа ли СДС и ДУИ се против распуштање на Судскиот совет и реформи во судството?

Да потсетиме дека ова не е прв случај да се пуштаат на слобода вакви лица. Во 2019 година на слобода е пуштен и Косоварот Томор Морина кој на Косово го пречекаа со музика, од истите судии и спрега која ја контролира СДС и ДУИ“, тврдат од ВМРО-ДШМНЕ сметајжи очигледно на краткото памтење на граѓаните. 

Инаку, СДСМ поради оваа епизода веќе два дена бара да биде сменет министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. 

„Додека Тошковски и МВР се обидуваат несмасно да спинуваат дека судот е крив за бегството на Блерим Рамадани, тој веќе е на Косово. Има ли поголем доказ дека тој е намерно пуштен од МВР и Тошковски, што само за еден ден по бегството човекот е удобно дома, па уште стигаат јасни пораки од Косово дека е таму.Кого се обидуваат да залажат институциите дека ова не е целосно сценарио за ослободување реализирано од МВР? Кој ќе сноси одговорност за бегството на човек баран со меѓународна потерница?“- прашуваат од опозициската СДСМ, со порака – до кога Тошковски ќе биде министер?

Рамадани на слобода и насмеан 

„Човекот шест месеци ја води институцијата МВР, а безбедноста се влоши во секој сегмент. Имаме шест убиства или обиди за убиства од кои само едно е расчистено, имаме секојдневни грабежи сред бел ден без разрешница, се случува тотален хаос со пожарите додека тој е координатор на Кризниот штаб, но никој не знае што координира. Ваква неспособност не е забележана од ниеден министер досега и затоа мора итно да си оди од функцијата“, велат од СДСМ.

Поранешниот припадник на УЧК, косовецот Блерим Рамадани избега од куќниот притвор откако наводно доушник му кажал дека полицијата се подготвува да го спакува и однесе во Шутка. Одлуката Рамадани да биде спроведен во ефективен притвор ја изрекле тројца судии, откако предходно судијата Пајазит Пајазити и покрај сериозноста на делото за кое се бара, на изненадување на сите, реши да го испрати во куќен притвор.

Во случајот со бегството на Блерим Рамадани, вистинското прашање треба да биде зошто судот одлучил да го стави лицето во куќен притвор наместо во ефективен притвор…. МВР во овој случај постапи согласно законот и максимално професионално. Лицето беше предадено на судот по барање на Интерпол, што е во согласност со позитивните законски прописи, пшишува Панче Тошковски на својот Фејсбук профил.

Рамадани беше уапсен во јули годинава на граничниот премин Јажинце по меѓународната потерница на Интерпол издадена од страна на Србија, а од 1 август Кривичниот совет на судот во Скопје, го смести во куќен притвор, иако тој нема адреса во Македонија. Судијата Пајазити реши притворот да го одлежи кај свои роднини. 

За надзор и проверка на лицето Блерим Рамадани задолжено е Министерството за внатрешни работи, брифираа од Кривичен за конкретниот предмет.

Очекувано од албанските партии во Македонија никој за ништо не е одговорен на Косово, па ни Рамадани.од ДУИ порачаа дека Владата слугува на соседите со тоа што апси поранешен припадник на ОВК, додека од Вреди сметаат дека тој воопшто не требало да се затвори и дека се задржал предолго во притвор.

„ Прочитав дека Рамадани не е во Македонија. Како и да е, мислам дека од почетокот господинот Рамадани не требаше да се затвори. Меѓутоа треба да го прашате господниот Ислам Абази, јавниот обвинител, зошто остана предолго, па после му се овозможи домашен притвор. Сега се надевам надлежните институции ќе кажат што и како се случило“, рече Таравари.

 
Бегството на Рамадани предизвика остра реакција од официјален Белград, а министерот за внатрешни работи на Србија Ивица Дачиќ оцени дека станува збор за голем скандал бидејќи Србија ова лице го бара заради извршени воени злосторства врз Срби на Косово.
 
Инаку, Пајазити, кој е заменик  на претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев, освен што го пушти да избега бараниот со потерница Рамадани во исто време го спаси од затвор и Иџет Мемети, функционер од највисок ранг во државата, фатен како зема мито и за тоа призна вина – нешто за што Катица Јанева на пример лежи повеќегодишна затворска казна. Пајазити ја прифатил место да ја одбие предлог-спогодбата за Мемети и му одреди казна под законскиот минимум – што е една година ефективен затвор.Истиот судија на претходна постапка не одреди притвор ни за групата која упадна во Контролната кула на Скопскиот аеродром на почетокот на јануари годинава, предводена од високиот функционер на ДУИ Беким Незири.