Таравари: Не ни треба уште еден Букурешт, не правиме влада со тие што се противат на уставни измени


Фото: Б. Грданоски
 
Претседателскиот кандидат на коалицијата Вреди, Арбен Таравари потврди денес дека нема да коалицираат со партија која е против уставните измени и е против бришењето на дваесете проценти за албанскиот јазик. Таравари упати покана до противкандидатите за дебата, но ги наведе само имињата на Стево Пендаровски, Бујар Османи и Максим Димитриевски oд кои, како што рече, имал телефонски број. Практично, тој како и Бујар Османи, ги прескокна Стевчо Јакимовски и Билјана Ванковска, како да ќе му бидат коалициони партнери, а не противници на изборите.
 

Таравари рече дека предуслов за започнување на преговорите за коалицирање е европскиот пат за Македонија, истакнувајќи дека двете македонски партии во одредени периоди кажале дека ова не им пречи. Според него, разумен период е до 15 септември да бидат донесени уставните измени. Околу 20-те проценти рече дека тоа не е ништо ново и не очекува некој да е против.

„Мицкоски некаде во април или март имаше интервју за „Коха“ каде рече дека не му пречи тоа, Заев исто така го кажа тоа кога се случи Преспанскиот договор, Ковачевски и Пендаровски исто така. Мислам дека тоа е веќе нешто што постоело во Македонија, не е нешто ново. Со Уставот од 1974 година во Македонија официјални јазици беа македонски, албански, турски, немаа ни проценти ни бројка. Ако ни најдат еден Устав во светот каде што употребата на јазик на која било етничка заедница стои со проценти или бројки, ние ќе го тргнеме ова“, рече Таравари.

Дали ќе прифатат коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, која е против внесување на Бугарите во Уставот, Таравари вели „доколку некој не е подготвен да го продолжиме европскиот пат на Македонија, ние не сме тука“.

„Тоа е предуслов, не услов. Јас не велам веднаш за 10 дена, меѓутоа да имаме одреден лимит и гаранции од меѓународниот фактор дека тоа ќе се случи, нема никаков проблем за кој било, дали ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ. Ова е став на сите политички партии на Албанците. Има еден џентлменски договор меѓу нас дека не би биле никогаш дел од некоја влада која што нема да прифати Македонија да го продолжи европскиот пат, бидејќи немаме друга алтернатива. Ние не сакаме да ни се повтори Букурешт 2008 година и да талкаме уште 10 години, тоа не е добро ни за Македонците, ниту за Албанците, ниту за Турците кои што живеат тука“, рече Таравари.

На претходната прес-конференција Таравари ги покани на дебата шестмината претседателски противкандидати, за кои рече дека досега добил одговор само од актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски.

„Пред да дојдам на оваа прес-конференција случајно се сретнавме со претседателот Пендаровски и разговаравме кратко, со што ми кажа дека не смее да учествува на вакви дебати, пред да започне официјалната кампања, бидејќи се уште ја врши функцијата претседател на Република Северна Македонија. Инаку тој е единствениот кој ми одговори на пораката, од другите немам одговор за дебатата во сабота во 12 часот, без разлика дали ќе дојдат или нема да дојдат ние ќе ја одржиме, јас би сакал сите да учествуваат“, рече Таравари.

Посочи дека вчера лично им испратил порака на кандидатите од кои имал телефонски броеви.

„Освен што беше јавен повикот, јас на неколку од кандидатите од кои имам броеви, Пендаровски, Максим Димитриевски, Бујар Османи, лично им испратив СМС порака уште вчера. Досега одговор имам од претседателот Пендаровски, од никој друг. Кога не одговараш – прифаќаш, јас се надевам во сабота ќе бидат присутни на нашата дебата, бидејќи вакви дебати ни требаат“, рече Таравари.

Во однос на парламентарните партии, Таравари рече дека носител во Изборната единица 1 ќе биде Изет Меџити, во двојката Африм Гаши, во шестата Биљал Касами и во петтата ќе биде лице од Алијанса за Албанците, крилото кое тој го предводи.