Таравари му се потсмева на Бујар Османи дека станал пишман аџија за Отворен Балкан


Кандидатот за претседател на албанската опозиција, Арбен Таравари, во денешното обраќање на митингот во Желино, меѓу другото, рече дека неговиот противкандидат Бујар Османи сега се сетил да предложи „излез од Отворен Балкан, иницијатива на Вучиќ и поддржана од Лавров“.

„Денес слушнав дека станал пишман за Отворен Балкан и дека ќе предложи излез на Македонија од оваа иницијатива на Вучиќ, поддржана од Лавров. На пишман аџијата му велиме дека доцна се расонил. Останавте сами во ист кревет со Вучиќ. Со Вучиќ кој организира терористички напади во Косово и кој се плаши од поразот на ДУИ“, истакна Таравари.

Тој додаде дека со коалицијата „Вреди“ќе има факторизација на државноста на Косово, а не проекти кои се против интересите на Косово.

„Ќе имаме целосна координација со двете албански држави, Албанија и Косово. Ќе ги продлабочиме врските со Тирана и Приштина, бидејќи тие се наши браќа од иста крв. Значи, нема да правиме како мојот противкандидат кој својата прва посета како министер за надворешни работи ја направи во Белград и никогаш немаше билатерална посета на Косово“, нагласи Таравари.