Таравари ќе нѐ изнесе од Отворен Балкан зашто Курти така сака


Таравари на средба со Курти и синот на Џафери (десно)
 
Арбен Таравари, како претседателски кандидат на коалицијата „Вреди“, во која свои преставници има и косовскиот лидер Албин Курти, вчера повторно отиде во Косово по поддршка.
 
Освен што се сретна со својот, по сѐ изгледа неформален политички спонзор, Таравари се фотографираше и со синот на покојниот Арбен Џафери, Илир Џафери, порачувајќи дека „Промените почнаа“ и дека Џафери е негов духовен и идеолошки лидер.
 
Иако Таравари напиша дека Курти е поддржувач на неговата кауза, вчера на презентацијата на неговата изборна програма работите изгледаа обратно – дека негова кауза е да ги поддржи интересите на Косово во Македонија. 
 
Најдобро тоа се виде од најавената намера, веднаш кога ќе стане претседател, да ја изнесе Македонија од иницијативата Отворен Балкан што ја создаде и и даде белег поранешниот премиер Зоран Заев, а ја поддржува бизнис заедницата бидејќи е економски интерес за државата. Ако интересот на Курти (не и на Косово) е да го растури регионалниот пазар меѓу Македонија, Албанија и Србија, и тој е поважен од економскиот интерес на Македонија, може Таравари ја згрешил државата каде што се кандидира за претседател. 
 
Со оглед на тоа дека со одлука на судот тој остана и без партија, а со начинот на кој ја води кампањата, реално е да се очекува тој да се стави во улога на формален лидер на некоја партија  „Самоопределување“ во нашата држава. Дека тоа не е само македонски агол на гледање на случувањата е изјавата на заменик помошникот државен секретар на брифинг со новинари неодамна каде што го посочи однесувањето на Курти како проблем за Албанија, за Македонија, за ЕУ и за НАТО.