Таравари им прати покана на ДУИ, тие сами ќе го слават Охридскиот договор


„Во ДУИ отсекогаш имале тенденција да приватизираат значајни настани, тие уште не можат да прифатат дека се опозиција. Но, потребно им е време и ќе се навикнат на таа своја позиција и ќе прифатат“, изјави министерот за здравство Арбен Таравари на новинарско прашање како ја коментира најавата од ДУИ дека утре ќе организираат паралелно одбележување на годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.

Таравари оцени дека тоа ќе биде приватна журка на ДУИ.

„Приватни журки, забави може секој да организира. Ние ги повикавме на утрешниот настан кој го организира Владата. Добредојдени се, а приватни журки нека продолжат, нека си организираат. Историските настани никогаш не биле приватна припадност на некој, секогаш ќе бидат настани коишто припаѓаат на граѓаните коишто живеат тука“, рече Таравари.

Инаку, во петокот, коалицијата Вреди упати покана до ДУИ за учество во државно одбележување на 23-годишнината од потпишувањето на Охридскиот договор со порака дека ако организираат паралелен настан, дека ќе ги „девалвираат придобивките за Албанците од Охридскиот мировен договор“.