Таравари го „ослободи“ Рамадани, сега не знае зошто се бара разрешување на Пајазити
Министерот за здравство Арбен Таравари изјави дека нема информации во однос на случајот со судијата Пајазит Пајазити по бегството на Блерим Рамадани од домашен притвор, но оти секој кој што не постапувал како што треба, треба да сноси одговорност.
-Јас немам точни информации за што се работи. Меѓутоа не само за конкретното име, туку за секого кој што не постапувал како што треба, треба да има одговорност. За конкретниот случај немам точна информација, кога ќе имам ќе имаме и став како коалиција Вреди, рече Таравари на новинарско прашање дали Вреди ќе се придружи на барањето на коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ кој веќе два дена бара одговорност за судијата Пајазити за одлуката за куќен притвор за Рамадани.
Блерим Рамадани, врз основа на меѓународната потерница издадена до Интерпол од Србија, беше уапсен во јули на граничниот премин Јажинца. Налогот за апсење се заснова на сомневањата на Србија дека Рамадани, како поранешен војник на ОВК, извршил воени злосторства во регионот на Неродиме.
На 1 август, со одлука на судијата Пајазит Пајазити мерката „притвор“ на Рамадани му беше преиначена во „куќен притвор“ и тој, според решението, беше упатен на адреса во Скопје. Со оваа одлука се предвидуваше тој да остане во „куќен притвор“ до 16 август.
На 9 август Советот на Основниот кривичен суд во Скопје одлучи да не го екстрадира Рамадани, со тоа што му беше наложено да остане во домашен притвор во Скопје до правосилната пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија.
Судскиот совет минатата недела на итна седница донесе одлука да се формира Комисија што ќе ја констатира фактичката состојба по однос донесените одлуки од страна на Основниот кривичен суд Скопје, а поврзани со случајот на бегството на Рамадани, од куќен притвор додека во тек беше екстрадициона постапка.