Таравари побара Алијансата да оди на изборите со албанската опозиција, партијата се подели

Села остро го нападна ваквиот предлог на Таравари, нарекувајќи го „шверцерски тенденции“. Албин Курти, во основа, ја подели Алијансата за Албанците


 

По долги недели колебање, по средби во Скопје и Приштина, по сто пати премерување, лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, реши од партиските органи да побара партијата да застане на страната на албанската опозиција за парламентарните избори.

Таравари во неговата објава на Фејсбук не наведува дали тоа значи дека АА ќе оди во коалиција со албанската опозиција или ќе излезе самостојно на изборите, но тоа значи дека нема да биде во некаков сојуз со ДУИ.

Ова е голема одлука за развојот на настаните во албанскиот блок, бидејќи тоа ја остава ДУИ осамена наспроти сите (освен веројатно во сојузништво со ДПА и други мали албански партии). Иако според анкетите, ДУИ и натаму ужива најголема поддршка меѓу македонските Албанци, оваа одлука на Таравари има можност да ја промени целата игра и тоа во моментот кога интегративците прават големи фестивали со изборот на Талат Џафери за технички премиер.

Доколку партиските органи го прифатат предлогот на Таравари тоа ќе биде и своевидна победа на косовскиот премиер Албин Курти над албанскиот лидер Еди Рама за остварување поголемо политичко влијание меѓу сонародниците во Македонија.

Таравари оваа одлука ја соопшти преку Фејсбук.

„Верувајќи непоколебливо во моите колеги партиски членови и во нашата заедничка визија, барам доверба за Алијансата за Албанците да влезе во изборна трка со албанската опозиција, а заедно ќе го направиме најдоброто за оваа држава“, напиша Таравари.

Тој во објавата додава:

„По неколку недели чести консултации и состаноци, по длабоко лично размислување, време е јавно да ја објавам мојата позиција како партиски лидер во однос на парламентарните избори. Имајќи ги предвид вредните и љубезни предлози на сите пријатели, членови и поддржувачи, избрав и да го слушам гласот на луѓето што денес зборува појасно од кога било. Граѓанинот бара промена! Народот бара политички систем ослободен од корупциската епидемија, која стана најголема пречка за благосостојбата и развојот на Албанците во Северна Македонија“, напиша Таравари.

Во објавата на Фејсбук Тарвари јавно го повикува партиското Собрание да го поддржи на ова, како што наведува, патување и заедно „да го поздравиме овој процес кој го нарекувам голема и долго чекана промена“.

„Никогаш оваа промена не била побезбедна и поранлива. Никој нема поголем кредибилитет од Алијансата да ја донесе оваа промена! На пат сме на патеката сме поплочена од Арбен Џафери. Овој пат ќе нè води таму каде што припаѓаме, во големото европско семејство, секогаш негувајќи го постојаниот сојуз со САД и НАТО со кои ја делиме иста визија и исти вредности“, се вели во објавата на Фејсбук. 

Останува да се види како на тоа ќе одговори другото крило во партијата, она на претходниот претседател Зијадин Села и нему блискиот соработник, министерот за правда Кренар Лога. Тие не се за усогласен настап со албанската опозиција. Постои реална опасност партијата токму пред изборите внатрешно да се подели.

Затоа, веднаш потоа генералниот секретар на АА и министер за правда Кренар Лога повика партијата да се придржува на досегашната одлука – самостоен изборен настап.

„Сакам да ве информирам дека Алијанса за Албанците нема разгледано ниту едно барање во нејзините партиски органи, Управниот совет, Централното претседателство и Централното собрание во однос на предизборните коалиции. На сила е одлуката на Централното претседателство која едногласно беше изгласана да одиме сами на избори. Го повикувам Собранието на АА да го поддржи едногласниот предлог на Претседателството, а тоа е: Алијанса за Албанците да излезе сама на Парламентарните избори 2024 година“, напиша Лога на Фејсбук. 

Зијадин Села во реакцијата беше многу постар и овој предлог на Таравари го нарече „шверцерски тенденции“.

„Како претседател на Централното собрание на Алијансата за Албанците, до овој момент не сум информиран за никаква понуда за коалиција со друга политичка партија. Од средбите што неодамна ги остварив со шефовите на ограноците и другите партиски структури, исто така, информиран сум дека никој од нив не знае за писмена понуда врз основа на што треба да се одлучи“, напиша на својот Фејсбук профил Зијадин Села.

„Поединецот, во овој случај претседателот на партијата не е орган на одлучување, тој има право да предлага до органот кој има право да одлучува, а тоа е Претседателството на партијата кое во моментот има една одлука, а тоа е дека Алијансата за Албанците се натпреварува сама на изборите. Друго тело за одлучување е партиското собрание. Шверцерските тенденции на партијата за сметка на не знам кој преку Фејсбук статус е сериозно кршење на статутот на партијата за што претседателот на партијата мора да одговара пред партиските органи. Обидите да се разјасни ставот искажан преку социјалните мрежи од страна на претседателот на партијата како лична одлука е кукавички чин кој сериозно ги нарушува идеолошките линии на Алијансата за Албанците“, вели Села.

Инаку, Села вчера се сретнал со Али Ахмети и Талат Џафери при што добил многу џенерозна понуда за заеднички настап во која АА на изборите би имала сигурни осум пратеници, колку што има сега. (Н.В.)