Тања Кокев ќе крои нови модни приказни во новиот простор со француски шмек
За нејзините ревии се бара покана повеќе, а со својата енергичност и визија таа е дизајнерка со претприемачки дух и со неверојатни контакти, лојални пријатели и славни и анонимни фанови која секоја сезона доаѓаат на нејзините ревии дотерани и во прв ред и одаваат почит со своето присуство, во облакот на луксузот и парфемите.

Тања Кокев беше меѓу македонските креатори што лансираше парфем со дизајнерски потпис, со актерката Јелена Јованова како заштитно лице. Промовираше ремени и чевли, со потпис на брендот, како и чанти и џемпери, луксузна секојдневна облека и машка облека. Лани беше актуелна и со корпоративниот дизајн – ги дизајнираше новите модерни и удобни униформи на вработените во филијалите и експозитурите на Комерцијална банка АД Скопје.
Тамара Котевска во дизајн на Кокев за премиерата на „Силјан“ во Венеција
Кокев е пред нов предизвик. Утревечер, во 19 часот, официјално го отвора новиот, втор простор на нејзиното ателје „Кокев“, и тоа на Ленинова, каде веќе има салон за венчаници, а сега и нов салон за секојдневна мода. Кокев, која штотуку се врати од фотосесија во Италија, иако често ги менува локациите низ Скопје, се уште зборува со возбуда на креирање нов простор, сега од 70 метри квадратни, и ни откри дека е декориран со француски шмек, со бел травертин и модерни шандарлиери и е во согласност со естетиката на дизајнот на креаторката. Вели, во пријатна атмосфера и со позитивна креативна енергија не само што ќе ги создава новите реди ту веар колекции и ќе ги прима своите клиенти, туку ќе овозможи секој заинтересиран да го посети изложбениот салон и одблиску да се запознае со нејзините креации и да ги добие сите потребни информации.
Утревечер, на отварањето Кокев ќе ја промовира и првата соработка со Ohridski Biser FILEVI , симбол на рачно изработен бисерен накит со речиси еден век традиција.
„Секогаш вреди да се инвестира, парите се за да се движат, не да се пикаат под перница. Секоја нова инвестиција носи нова возбуда, нова енергија… Симпатичен страв од ризикот… Можеби тоа е мојот карактер. И, да, сметам дека ја избрав вистинската центарска локација, вели Кокев која не претстанува да креира и да иновира на овој наш мал моден пазар, но со завидна и префинета клиентела меѓу славните и анонимните дами , за гала настани и црвени килими, дома и низ светот. (Л.С.)