Тамара Котевска во дизајн на Кокев за премиерата на „Силјан“ во Венеција

Македонската дизајнерка, препознатлива по креациите од црвените килими, Тања Кокев, ја облече славната режисерка Тамара Котевска, со две номинации за Оскар за „Медена земја“, за премиерата на третиот документарец „Силјан“ вон конкуренција во селекцијата на 82. Венециски филмски фестивал, која се одржа вчера.
„За премиерата дизајнирав црн краток фустан кој спојува минимализам и провокативна сила. И секако рачно изработен ѓердан инспириран од штркот и приказната која таа раскажува, ни откри дизајнерката Кокев.
Котевска, со дел од филмската екипа, вчера во Венеција одржа и прес-конференција пред премиерата.
„Белиот штрк е симболично животно во Македонија, тесно поврзано со векови миграција на овие простори, не само економски, туку и поради војните, поврзано е со историјата на земјата и регионот. Штркот е особено важен за екосистемот и поврзан е со луѓето, тие се козависни едни од други. Лично ме заинтригира да ја анализирам оваа врска присутна во македонскиот фолклор како симбол на слобода, дом и семејство“, кажа режисерката Тамара Котевска на прес-конференцијата.
„Силјан“ е филм за иселувањето во источна Македонија, снимен во Овчеполието. Инспириран од народната приказна за момчето Силјан, кое по кавга со татко му се претвора во штрк и заминува од дома, филмот е приказна за односот на еден земјоделец со бел штрк.
„Во овој филм стилот на снимањето беше важен за приказната и беше важно да се претопи во приказната. Поминавме многу недели со тоа семејство штркови, со неколку генерации од тоа семејство, моравме да ја добиеме нивната доверба“, рече кинематограферот Жан Дакар.
Истовремено, Котевска на Венецискиот филмски маркет пред финансиери и дистрибутери ќе го претстави својот нов, четврти документарец „Мамутите кои избегаа од царството на Елрих хан“ снимен во Сибир. Филмот е за сибирското шаманско племе Долгани во кое постои конфликт меѓу одгледувачите на ирваси и ископувачите на мамутски заби, на последната точка на северот на планетава на која сè уште има цивилизација.