„Талир 2“: Одбраната тврди дека нема докази за злоупотреби околу Белата палата


Обвинителството не понуди докази, а нема ни сведок, ни документи,  дека обвинетите Никола Груевски и поранешниот генерален секретар Кирил Божиновски имале намера и долгорочен план да сторат злоупотреби на службената положба при изградбата на новото партиско седиште во центарот на Скопје, реагира денеска одбраната на обвинетите во завршните зборови на судскиот предмет „Талир 2“.

 

– Обвинението нема логика. Што има трговско во настојувањето да се обезбеди нов објект за партијата. Не ја разбирам тезата на Обвинителството и не разбирам што згрешил првообвинетиот и како очекува судот да ги прифати личните убедувања на обвинителот дека е сторена злоупотреба на службената положба ако една политичка партија прифатила да се најде инвеститор да изгради нов објект ако постојните простории на партијата не се соодветни и ако тоа е поткрепено со интерна процедура во отсуство на законска регулатива, реагира одбраната на обвинетите Груевски и Божиновски.

Спротивно на ова тврдење на одбарната, обвинителот Љубомир Лапе, претходно побара судот да ги огласи за виновни Груевски и Божиновски поради злоупотреба на службената положба и овластување и му предложи на судечкиот совет да ѝ се конфискува имот на партијата како трето лице, бидејќи во нејзино име е остварена имотната корист. Обвинителството бара одземање на Белата палата и дваесетина објекти во сопственост на ВМРО-ДПМНЕ низ државата.

Обвинетите, според Обвинителството, спротивно на законските прописи прибавиле значителна имотна корист за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во износ од 507.164.424 денари, односно 8.246.576 евра.

Според бранителите на осомничените една од клучните причини против овој предмет е тоа што тој е покренат на незаконски начин и е поднесен по истекот на рокот во кој Специјалното јавно обвинителство (СЈО) имаше право да поднесува обвинителни акти или да покренува предистражни постапки.Според законот за Специјалното јавно обвинителство, обвинителите имаат рок од 18 месеци за покренување постапки.

Според одбраната, двајцата обвинети Груевски и Божиновски не одлучувале сами, таквата одлука била поддржана од партиските органи, а одлуките биле јавно објавени.

– Што згрешиле обвинетите, дали треба да бидат обвинети затоа што на обвинителот објектот му изгледа луксусен, праша бранителот на обвинетите тврдејќи дека наместо докази обвинителот понудил само сомнежи.

Обвинителот не понуди ниту еден доказ за обвинетиот Груевски, рече неговиот бранител и побара одлуката на судечкиот совет  да биде ослободителна.

Овој судски процес го води судијката Даниела Алексовска Стојановска.

Во „Талир 2″ се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски  и поранешниот генерален секретар на владата, Кирил Божиновски. Обвинетите се товарат за злоупотреба на службената положба, при што овозможиле правното лице ДГ „Бетон” АД Скопје, да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, во времето кога фирмата имала склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија, спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи.