Претседателот на Собранието, Талат Џафери, планира да ја деблокира работата на закочената Комисија за избори и именувања, на тој начин што ќе предложи разрешување на Фадиљ Зендели од Беса.
За потсетување, опозицијата доби мнозинство во Комисијата со Зендели, откако Беса ја напушти власта и премина во опозиција. Сепак, тој одби да се повлече од функцијата и да му го препушти столчето на новиот владин партнер Алтернатива, што, според мнозинството, беше противзаконски.
Според пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антониjо Милошоски, предлогот на Џафери за разрешување на Зендели ќе биде преседан, со оглед дека за првпат би се случило да се разреши член на работно тело без предлог одлука на Комисијата за избори и именување.
Инаку, работата на оваа Комисија, меѓу другото, е важна и заради избор на нови четворица уставни судии.
СДСМ и парламентарното мнозинство имаат одговорност да овозможат нормална работа на Собранието и неговите работни тела, посочи во своето обраќање на денешната седница, координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, осврнувајќи се на точката за составот на Комисијата за избори и именувања.
„Веќе три месеци, на координациите овде во Собранието, сите сме согласни дека тоа што значи парламентарно мнозинство, треба да биде пресликано и во работните тела. И кога веќе честитате, да честитам и јас, среќно ново лицемерие на ВМРО-ДПМНЕ. Еве што одговарала пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во минатото, кога имало вакви слични ситуации: Ние имаме обврска да обезбедиме нормална работа на Собранието, во остварување на потребите и интересите на граѓаните – тогаш така сте кажале. Ние не смееме да дозволиме овој орган да биде злоупотребуван за исклучиво партиски потреби – тоа е она што вие сега го правите. Опозицијата секогаш има право, има инструменти предвидени со Деловникот, но мнозинството, како ова денес, секогаш ја има можноста и ја носи одговорноста за донесените одлуки во Собранието“ заклучи координаторот на пратеничката група на СДСМ, Митрески.