Таква тема не е разговарана: Мицкоски за прифаќањето мигранти од Британија, додека е премиер „такво нешто ќе нема“
Премиерот рече дека опозицијата прави салта и гимнастики на отворена сцена. Темата за мигрантите природно му припаѓала на ВМРО-ДПМНЕ
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека со Велика Британија не било разговарано за прифаќање илегални мигранти, односно баратели на азил кои таму ќе бидат одбиени, истовремено обвинувајќи ја опозицијата во земјава дека присвојува тема која „природно“ ѝ припаѓала на ВМРО-ДПМНЕ. Тој исто така најави дека по урнекот на проектот „Сејф сити“ во Скопје, на ниво на државата ќе се спроведе сличен проект „Сејф кантри“ кој ќе биде брана против илегалната миграција.
„Со индигнација ги отфрлам шпекулациите дека планираме да правиме какви било кампови за илегални мигранти“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по седницата на Анкетната комисија во Собранието за трагедијата во Кочани.
Во врска со пишувањата на британските медиуми, дека Македонија ќе прифати лица кои нема да добијат азил во Велика Британија, Мицкоски посочи дека станува збор за т.н. „failed asylum seekers“, односно неуспешни апликанти за азил, кои Британците сакаат да ги праќаат во трети земји,
„Да потенцирам и да кажам јасно и гласно пред македонската јавност дека таква тема не е разговарана. Но, доколку се разговара, исто така ќе биде одбиена од наша страна“, беше категоричен Мицкоски.
Тој се осврна и на прашањата за кои било разговарано.
„Разговарано е дека заеднички ќе се бориме против илегалната миграција. Верувале или не, ние ја браниме Европа од Европа бидејќи илегалните мигранти влегуваат токму од граница која што е граница со земја членка на Европската унија“, рече Мицкоски.
Тој се надева дека „сега е појасно за македонската јавност и за македонските граѓани“ на кои им се обраќа, дека додека е тој премиер нема да никне ниту еден шатор во кој што ќе бидат сместени илегални мигранти и нема да примиме ниту еден илегален мигрант.
„Напротив ќе ја зајакнеме нашата борба заедно со нашите сојузници во рамките на НАТО против илегалната миграција, рече Мицкоски.
Тој беше прашан и за коментар на обвинувањата од страна на опозицијата и на лидерот на СДСМ, Венко Филипче дека ќе ги мобилизира сите села, градови и дека нема да дозволи мигранти да се доселуваат во земјава. Таквите ставови Мицкоски ги нараче „салта и гимнастики“.
„Ха, видете, ги гледам овие салта и гимнастики што ги прави опозицијата на отворена сцена. Прво, да кажам дека не само што не е вистина, туку за мене претставува навистина чудно дека во отсуство на каква било идеја која што може да мобилизира или пак да придонесе во рамките на општествениот живот во Македонија, тие се фаќаат за тема која што е тотален антипод од нивната политика и природно припаѓа на политиката на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека темата за антиилегалната миграција за ВМРО-ДПМНЕ е основен столб, односно е во фундаменталните темелни вредности на кои што почива партијата.
„И сега вие за таа тема да водите ваква кампања, однапред претставува изгубена битка. Апсолутно не, апсолутно не. Напротив, ние можеме да водиме зајакната кампања за антиилегална миграција. Таква политика може да водиме“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека ја разбира опозицијата, односно СДСМ која во отсуство на идеја и концепт, се обидува да се мобилизира и „измислуваат теми“ и „растураат пердуви“.
„Ама, каде од сите теми, токму оваа на која што почива, којашто е фундаменталната темелна вредност на политиките на ВМРО-ДПМНЕ, да се бориме против илегалната имиграција“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека Владата ќе продолжи жестоко да се спротивставува против илегалната миграција и во таа насока ќе развие проект како што е „Сејф сити“, и ќе биде „Сејф кантри“ со кој што границите ќе бидат целосно мониторани за да не се случува илегална миграција и да не се случува шверц, нелегална трговија и тн.
„Нешто што за сите овие либерално левичарски политики претставува мисловна именка“, рече Мицкоски. (М.Ј.)