Тајланд и Камбоџа започнаа вооружен судир на спорната граница, повредени двајца војници

Вооружени судири избувнаа денеска меѓу Тајланд и Камбоџа на спорниот дел од нивната заедничка граница, соопштија двете страни, обвинувајќи се меѓусебно дека први нападнале по неколку недели тензии и дипломатски престрелки.
Судирите се случија откако Тајланд го повлече својот амбасадор од Камбоџа доцна синоќа и рече дека ќе го протера камбоџанскиот амбасадор во Бангкок откако втор тајландски војник изгуби екстремитет од противпешадиска мина за која Тајланд рече дека неодамна била поставена во спорната гранична област.
Тајландската војска денеска соопшти дека Камбоџа лансирала извидувачки дрон пред да ги испрати своите тешко вооружени војници во спорната област, на околу 360 км од Бангкок.
Портпарол на тајландската војска рече дека камбоџанските сили отвориле оган и дека двајца тајландски војници се ранети.
Сепак, портпарол на камбоџанското Министерство за одбрана рече дека станува збор за неиспровоциран тајландски напад и дека камбоџанските сили дејствувале во самоодбрана.
Воен функционер објави дека Тајланд ги затвора сите гранични премини кон Камоџа.
-Борбите се водат во шест области долж спорната граница, според воениот функционер Сурасан Конгсири. Тројца цивили се тешко ранети, вклучувајќи и петгодишно момче, додаде тој.
Министерството за образование на Тајланд ги затвори сите училишта во покраината Сурин, која се наоѓа во близина на спорната граница. Министерката за образование Нарумон Пињосинват ги повика службените лица да ја следат ситуацијата и да се координираат со локалните безбедносни сили. Таа рече дека прекинувањето на наставата е превентивна мерка за заштита на учениците, наставниците и училишниот персонал.