Италија ги чека македонските предлози за преговарање со ЕУ

Италијанскиот министер Антонио Тајани ќе организира средба до крајот на годината со Северна Македонија, Бугарија и Албанија за да се забрза развојот на Коридорот 8


Антонио Тајани и Тимчо Муцунски (Фото: Б. Грданоски)

 

Италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани, порача денес од Скопје дека дека Европската унија мора да ѝ подаде рака на Македонија, ако не, тоа ќе го направат Кина и Русија.

Тајани денеска беше во посета на земјава како прв шеф на дипломатијата од Европската унија по изборот на новата влада, при што имаше средба со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски. Тој нагласи дека  Италија е голем поддржувач на Северна Македонија и дека работат за што побрзо членство во ЕУ.

„Мојата посета овде не е само формална, туку е јасна порака за поддршка која ја даваме на земјите од Западен Балкан за влез во ЕУ. Мене зборот проширување не ми се допаѓа, ова се европски земји и ние треба да зборуваме за спојување на земјите од Западен Балкан кон ЕУ. Не треба да ја повториме грешката и да исчезне сонот на илјадници млади луѓе од Балканот кои гледаат кон Европа како своја втора татковина. Италија отсекогаш имала силен однос кон Земјите од Западен Балкан. Сакаме да го забрзаме темпото на пристапување кон ЕУ и за тоа се залагме во европските институции. Верувам дека нашето залагање за Балканот не е само политичко, туку е и квалитетно. Треба да се подаде рака кон оние кои сакаат да бидат со нас Европејците, особено нашите пријатели од Балканот, притоа внимавајќи на европските правила за пристапување. Ако ние не покажаме дека сакаме да ја подадеме раката од тие што ни ја даваат, има некој друг кој сака да нѐ  замени, како што се Кина и Русија. Тоа е неприфатливо“, рече Тајани.

 

Запрашан дали Италија дава поддршка за барањето на нашата влада за промена на преговарачката рамка, односно прво да се завршат преговорите со ЕУ, а потоа да имаме промена на Уставот и внесување на Бугарите како малцинство, министерот Муцунски рече дека на оваа тема се дискутира со сите европски земји и партнери.

„Ние имаме за цел да имаме предвидлив пат кон ЕУ, повторно да не бидеме прелажани и да бидиме доведени во ситуации од соседите во кои сме биле порано. Наша примарна цел е да бидеме фокусирани на домашните реформи и владеење на правото. Доколку постои волја кај земјите-членки, нема предизвик кој не може да се надмине“, рече Муцунски.

Според него, владата од своја страна ќе биде афирмативна и  ќе работи на реформите. Притоа тој потврди дека во петок ќе биде во Софија со претседателката Гордана Силјановска-Давкова на  гостувањето на Македонската опера и балет каде што се очекува да биде и претседателот Румен Радев, дека сѐ уште се договараат деталите за форматот на посетата, но посочи дека ќе се искористи културната дипломатија како алатка за да се најде начин да се нормализираат односите меѓу нашата држава и Бугарија.  

„Не го делам целосно ставот дека за моделот на одложна примена на уставните измени се потребни промени на преговарачката рамка и заклучоците. Тоа е прашање на правно толкување, јас сум застапник на ставот дека тоа може да се направи без никаква промена. Имаме за цел прво да имаме предвидлив пат кон европските интеграции, а второстепено да ја заштитиме и политиката на проширување на вредности и приципи. Колку и да делувам репетативен ќе го повторувам тоа. Сметам дека со овој пристап на одложни примени, прво како и секоја влада го штитиме нашиот национален интерес, повторно како влада да не бидеме понижени, да не бидеме доведени во ситуации какви што бевме доведени од нашите соседи, а второстепено да обезбедиме дека патот напред кон полноправно членство ќе биде врз основа на стандарадите и критериумите“, рече Муцунски.

Тајани пак беше јасен дека Италија е посветена на евроитеграцијата на земјава, но беше внимателен во одговорот на прашањето што мисли за можноста за измени на Преговарачката рамка и за одложена примена на уставните измени.

Фото: Б. Грданоски

„Ќе ги причекаме предлозите и формулациите од Северна Македонија. Мислам дека се дискутира на оваа тема, треба да се најде договор со Брисел. Ние го поддржуваме дијалогот и од стратешки аспект ќе продолжиме со побрзото пристапување на Северна Македонија. Секако, договарањето е меѓу двајца. Северна Македонија испрати важи пораки за да одговори на барањата на Европа и земјата ќе реши како да продолжи во директниот дијалог со Брисел“, додаде тој. Според него, во политиката не треба ништо да се остави недовршено. 

Италијанскиот министер го спомена и значењето на Коридорот 8 како еден од клучните инфраструктурни проекти за регионот. Тој најави дека ќе организира средба до крајот на годината со Северна Македонија, Бугарија и Албанија за да се забрза развојот на Коридорот 8, со цел да се поттикне економскиот раст и да се подобри внатрешниот пазар.

 
„Организираме средба за Коридорот 8 до крајот на годината, со цел да ја поттикнеме економската соработка и развојот на пазарите во регионот,“ рече Тајани, истакнувајќи го значењето на овој проект.
 
Тој потоа потврди дека со министерот Муцунски ќе се сретнат и на настанот  „Пријатели на Западен Балкан“ со новиот еврокомесар за проширување, што ја покажува силната поддршка што Италија ја дава на регионот. Зборувајќи за економската соработка, тој нагласи дека Италија има интерес за зголемување на присуството на италијанските претприемачи во Северна Македонија. Според него, ова ќе придонесе за економски развој и отворање нови можности за соработка меѓу двете земји.
 
„Се сретнав со италијански претприемачи кои се заинтересирани да инвестираат во Северна Македонија и ги охрабрив да ги искористат овие можности. Им кажав дека Владата на Северна Македонија сака и ќе ги поддржи инвеститорите,“ изјави Тајани најавувајќи деказа таа цел  ќе организира бизнис форум. Муцунски, пак, оцени дека Италија беше и останува еден од најголемите поддржувачи на стратегиските интереси на нашата држава  и дека тоа ќе продолжи и дека е еден од десетте наши најголеми трговски партнери. (С.Ј.)