Тага по загинатите кај Драчево: Илјер не го дочека новиот почеток
Пред куќата на Илјер Ајвазовски (39) во скопската населба Драчево се собираат луѓе. Блиски, роднини, пријатели, соседи, но и непознати луѓе доаѓаат за последен пат да се простат со него. Тој е еден од петтемина скопјани што загинаа завчера пред полноќ во стравотната несреќа пред влезот на Драчево кога автомобил „рено“ се заби во камион што превезувал отпад. Настрадаа сите пет патници во автомобилот.
Населбата од крајот на градот не памети ваква трагедија. Делницата меѓу Пинтија и Драчево, или меѓу Драчево и Пинтија, како сакате, важи за една од црните точки во скопскиот сообраќаен хаос, но вторничката несреќа особено ги погоди жителите од тој реон затоа што во една секунда или во миг на невнимание згаснаа пет животи и пет семејства се завија во црно. Пријатели кои се забавуваа заедно во дождливата мајска ноќ, а потоа заедно заминаа на друго место од каде што нема враќање.
Како точно се случила несреќата, знаат само тие. Обвинителството и полицијата најавија истрага од кои причини автомобилот преминал на спротивната страна, но на семејствата на настраданите тоа сега им е најмалку важно.
„Илјер го нема и засекогаш ќе го нема, а што било и како веќе е неважно“, низ солзи зборуваат блиските на Ајвазовски.
Во трошната куќа станува претесно да се примат сите што дојдоа да изразат сочувство. Добронамерниците ги примаат таткото на Илјер, помалиот брат и сестра.
„Во август требаше да наполни 40 години. Животот не му беше лесен, мајка му почина млада, татко му е болен, помалиот брат не работи, сестра му се омажи. Живеат тешко, едвај крпат крај со крај. И Илјер беше невработен, не беше женет, имаше проблеми со законот, но тамам се смири, сакаше да почне од почеток, ама господ имал поинакви планови за него“, раскажуваат блиските.
Во вторникот вечерта, тој излегол во блиската кафеана за да се види со пријателите. Според информациите од полицијата, трагичната сообраќајка се случила околу 23:40 часот на булеварот „Борис Трајковски“ при директен судир на камион „мерцедес“, управуван од 44-годишен скопјанец и патничко возило „рено 5“, во кое се превезувале петтемина настрадани. Животите, покрај Ајвазовски, ги загубија возачот Јованчо Лазаревски (43), Аница Трајковска (53), Елена Трпевска (37) и пензионираниот полицаец Спасе Н., чија идентификација одеше бавно.
„Патниците во возилото починале на самото место, додека возачот на камионот е задржан на лекување во Градската општа болница“, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Од Основното јавно обвинителство информираат дека „реното“ од непознати причини преминало на спротивната лента на коловозот и директно се судрило со камион за превоз на отпад.
„Надлежен јавен обвинител издаде наредба за обдукција на телата на починатите, а ќе се врши и сообраќајно-техничко вештачење за да се утврдат причините за несреќата“, најавуваат од Обвинителството.
Лазаревски бил припадник на „Тврдокорни“, па и оттаму вчера се простуваа од својот пријател.
„Ги известуваме сите наши браќа дека во сообраќајна несреќа загина нашиот брат, уставобранител, Јованче Лазаревски-Шиљо. Лесна му земја, Бог да го прости“, пишуваат „тврдокорните“ на социјалните мрежи.
Лазаревски, кој зад себе остави сопруга и две деца, бил од селото Драчево, како и Трајковска, додека Трпевска живеела во Лисиче. Сите петмина во вторникот биле во кафеана во Драчево. Оттаму решиле да тргнат кон Скопје. До кобниот судир дошло веднаш откако ја напуштиле населбата и тргнале кон Пинтија.
На местото на несреќата вчера можеа да се забележат остатоци од смачканиот автомобил. , Минувачите запираа со возилата за да видат каде се случила стравотната несреќа. Ужасот се чувствуваше во воздухот.
Горан Адамовски