СЗО ја предупредува Европа за нови топлотни бранови, ја посочи Македонија меѓу подготвените земји
Додека делови од континентот очекуваат температури до 43 степени, СЗО ги истакна мерките на Македонија, Италија, Шпанија и други земји за заштита од екстремни жештини.
Регионалниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, Ханс Хенри П. Клуге, предупреди денеска дека Европа во наредните недели би можела да биде погодена од нови смртоносни топлотни бранови и ги повика државите итно да ги унапредат плановите за заштита на населението.
Како што соопшти СЗО, Португалија и југот на Шпанија оваа недела очекуваат температури до 43 Целзиусови степени, додека нов бран жештини се најавува и за Франција, земјите од Бенелукс и делови од Централна Азија.
Клуге наведе дека земјите кои имаат усвоено планови за заштита на здравјето за време на екстремни жештини поуспешно одговориле на претходниот топлотен бран, истакнувајќи ги примерите на Италија, Шпанија, Австрија, Белгија, Франција и Македонија.
Европската комисија најави промени во ЕЕС системот поради гужвите на границите
Според неговите зборови, помалку од половина од 53-те држави членки на европскиот регион на СЗО имаат национален план за реагирање на екстремни жештини, додека особено загрозени се постарите лица, бездомниците и лицата кои живеат во социјална изолација.
На сите држави членки, како што е најавено, СЗО ќе им достави препораки засновани на искуствата од претходниот период и ќе им пружи техничка поддршка во унапредувањето на системите за заштита на населението од последиците од екстремните температури.