СЗО: Два милиона луѓе гладуваат во Појасот Газа


Генералниот директор на Светска здравствена организација (СЗО), Тедрос Адханом Гебреисус денеска предупреди на се поголемиот ризик од глад во Појасот Газа.

– Ризикот од глад во Газа се зголемува поради блокадата на хуманитарната помош, вклучително и храна … два милиона луѓе гладуваат додека тони храна се заглавени на границата, посочи Гебреисус на почетокот на годишниот состанок на земјите-членки на СЗО во Женева.

Израел под притисок од меѓународната заедница вчера соопшти дека ќе дозволи ограничена дистрибуција на хуманитарната помош во Појасот Газа. Израел ја блокира помошта за палестинската енклава на 2 март.

– Луѓе умираат од болести што може да се спречат додека лековите чекаат на границата, а нападите врз болниците им ја одземаат негата на луѓето, посочи Гебреисус, додавајќи оти неколку илјади пациенти треба да се евакуираат од Појасот Газа од медицински причини.

Тој ги повика земјите-членки на СЗО да прифатат повеќе пациенти, а Израел да дозволи нивна евакуација, како и влез на храна и лекови во палестинската енклава.