СЗО: Драматично враќање на малите сипаници во Европа


Англија – Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека постои „драматично враќање“ на сипаници во Европа, делумно помогнато со одбивање на вакцинација. Речиси 90.000 луѓе се заболени од сипаници во првата половина на 2019 година.

СЗО, здравствената агенција на ОН, во извештајот нагласува дека бројот на заболени од сипаници е двојно зголемен од јануари до јуни во однос на претходната година.

Германската влада минатиот месец предложи имунизацијата на сипаници да се направи задолжителна за децата и вработените во градинките и училиштата. Оваа година се пријавени повеќе од 400 случаи на мали сипаници во Германија.

Најголем број случаи е забележан во Украина, повеќе од 84.000, а потоа следат Казахстан и Грузија. Министерството за здравство на Украина соопшти за осум жртви од болеста.

Експертскиот комитет на СЗО соопшти дека Албанија, Чешка, Грција и Велика Британија го изгубиле статусот на држави каде се искоренети сипаници.

Според проценките на СЗО, во 2017 година 110.000 луѓе починале од сипаници во светот, повеќето од нив деца под пет години.