СВП: Влада Урошевиќ ќе ја прочита поетската порака на годината
Комплетирана е програмата за претстојното издание на Струшки вечери на поезијата, кое ќе се одржи од 21 до 26 август.
Програмата ја задржува структурата и содржините по кои се препознатливи Струшките вечери на поезијата, но внесува и новини за кои се надеваме дека ќе станат препознатлив белег на овој меѓународно признаен и познат фестивал. Една од тие новини е поетската порака што ќе биде прочитана за време на церемонијалниот дел на свеченото отворање од страна на истакнат македонски поет/поетеса. Оваа година, автор на поетската порака е истакнатиот македонски поет Влада Урошевиќ, на кој по повод осумдесет и петгодишниот јубилеј во рамките на програмата му е посветен посебен термин за поетски портрет.
„Од оваа година Струшки вечери на поезијата има намера да ја подигне јазичната комуникација на фестивалот како дел од заложбите за унапредување на квалитетот на манифестацијата, нејзиниот меѓународен углед и значење, но и да го унапреди односот кон својата публика и граѓаните. Во таа насока, дел од содржините, а особено главните фестивалски читања ќе вклучуваат употреба на повеќе јазици. Освен досегашните македонски и англиски, ќе користиме и албански и француски јазик. Во рамки на програмата се предвидени повеќе поетски читања на различни локации на кои ќе се претстават 32 странски и 30 домашни поети од различни генерации. За да се зголеми удобноста на нивниот престој и да се подигне организациското ниво на фестивалот, оваа година, Струшките вечери на поезијата објави повик за волонтери што ќе сакаат да се вклучат во логистичката поддршка на фестивалот. Повикот е завршен и во тек е селекција на најсоодветните кандидати. Со нивно вклучување сакаме да го подигнеме интересот за Фестивалот кај помладата публика, но и да понудиме можност за нивно дружење и комуникација со некои од најзначајните поетски имиња“, соопштија од организацијата.
За да се зголеми видливоста и отвореноста на фестивалот, освен директниот пренос на главните фестивалски читања што ќе го врши националната телевизија, ќе биде обезбеден и онлајн пренос на официјален канал на Јутјуб, со што ќе се овозможи следење на содржините на фестивалот ширум светот, но и ќе се поттикне интересот на публиката за директна посета на фестивалските настани.
Во таа насока, планирано е обезбедување на организиран превоз по симболична цена за оние љубители на поезијата кои поради своите работни обврски не се во можност да присуствуваат на повеќе фестивалски денови. За главните фестивалски настани ќе биде обезбеден превоз од Скопје преку два правци: Скопје-Кичево-Струга и Скопје-Велес-Битола-Струга кој по завршувањето на настанот ќе овозможи враќање истата вечер.
Од изданијата на Струшките вечери на поезијата, освен монографијата на добитничката на „Златниот венец“, романската поетеса, Ана Бландијана, книгата на добитничката на наградата „Мостови на Струга“, Моника Херцег, монографијата „Кој е кој“, четирите буклети во рамки на едицијата Версополис, можеме да ја издвоиме тематската антологија „Арката на Ное“ чиј приредувач е Иван Џепаровски, а чија тема е посветена на местото на поетската претстава на животинскиот свет во современата македонска поезија, поточно во песните на претходните добитници на наградата „Браќа Миладиновци“.