Светски ден на театарот

Со читање на националните и светската порака за театарската уметност, денеска во театрите низ светот се одбележува Светскиот ден на театарот – 27 Март.

Годинава, светската порака за театарот ја испраќа театарскиот режисер и драмски автор Карлос Селдран според кого театарската традиција е хоризонтална и никој не може да потврди дека театарот живее во било кој центар од светот, во било кој град или привилегирана зграда. Театарот, вели Селдран, се шири низ една невидлива географија.

–  Кога сфатив дека театарот е држава сама за себе, голема територија која го покрива целиот свет, во мене се роди една решителност која исто така беше и едно остварување на слободата: ти не мораш да одиш некаде далеку, ниту пак да се поместиш оттаму каде што си, не мораш ниту да трчаш, ниту пак да се придвижиш. Публиката е онаму каде што живееш ти. Ги имаш на своја страна колегите кои што ти се потребни. Таму, надвор од куќата, ја имаш целата таа матна, непробојна дневна реалност. Потоа, ти работиш од таа очигледна неподвижност за да го формираш најголемото патување воопшто, да ја повториш Одисејата, патувањето на Аргонаутите; ти си неподвижен патник кој не прекинува да ја забрзува густината и ригидноста на својот реален свет. Твоето патување е пат кон мигот, кон моментот, кон неповторливата средба пред твоите врсници. Твоето патување е кон нив, кон нивното срце, кон нивната субјективност. Ти патуваш во нив самите, во нивните емоции, во нивните сеќавања кои те будат и те мобилизираат, истакнува Селдран во пораката.

Македонската порака ја испраќа драмскиот автор Југослав Петровски кој оценува дека театарот се уште не е мртов, но оти од ден на ден полека умира бидејќи недостига катарзата.

–  Најдобра театарска претстава е онаа претстава што на крајот, секој од гледачите, дома, во себе, ќе си понесе сосема поинаков „петти елемент“. Што би значело дека најдобра претстава е онаа кога секој дома ќе си замине со потполно различна, само своја катарза, само свој „петти елемент“, порачува Петровски во својата порака.

Иницијативата за одбележување на 27 март како Светски ден на театарот е од Интернационалниот театарски институт – ИТИ на УНЕСКО во јуни 1961 година.