Светската фабрика е сè уште затворена

„Тоа е како Европа во средновековно време“, вака Јорг Вутке, претседателот на Европската стопанска комора во Кина ја опишува актуелната состојба во втората по големина светска економија, која е погодена од корона вирусот. „Во секој град се вршат проверки и прегледи“, ја пренесува неговата изјава за „Њујорк тајмс“, порталот аксиос.ком.

Кинеските компании се едни од најголемите испорачувачи на делови за производство на електроника во светот, од кои што меѓу другото се произведува ајфонот на „Епл“. Тие требаше да продолжат да работат заедно со поголемиот дел од земјата во понеделникот. На вработените во „Фокскон“ им било речено да се вратат на работа во кинеските градови Шенжен и Женжу, но тоа го сториле само околу 10 отсто од нив, пренесе Ројтерс.

Во поголемите градови улиците остануваат празни, фабриките запуштени, а многу работници сè уште се заглавени во родните градови. Се очекуваше дека фабриките повторно ќе се отворат по продолжената пауза за лунарната Нова година, заради појавата на корона вирусот.

Проблемите во „Фокскон“ се симбол за предизвиците со кои се соочува Кина. Последиците може да ги погодат и американските компании и фирми низ целиот свет ако кинеските фабрики наскоро не почнат да ги отвораат своите врати.

Властите го ставија во карантин регионот во централна Кина околу градот Вухан, епицентарот на епидемијата и капацитетите кои работат за компании како „Епл“,„Фолксваген“, „Куалком“ и „Андер Армор“ остануваат затворени дури и во области надвор од тој регион.

Извршниот директор на „Агилијан технолоџи“, Фабиен Гаусоргус, изјави за „Волстрит џорнал“ дека не е сигурен дали ќе успее да врати доволно од персоналот од 80 лица за повторно да ја рестартира неговата фабрика.

„Ги предупредивме нашите клиенти дека во наредните три месеци испораките на пратките со воздушен сообраќај може да бидат невозможни“, рече Гаусоргус. „Во овој момент добавувачите не можат да се обврзат на ништо. Ова е опасност број 1 и можеби ќе нè принуди да престанеме со производството“.

„Епл“ и другите мултинационални компании прават попис на готовите производи за продажба, вели коосновачот на „Дата трек рисерч“, Никола Колас. Тој проценува дека залихите на „Епл“ се „само 25-30 дена“ по што е можен недостиг на нивните производи, пред се на ајфонот, доколку капацитетите на добавувачите останат затворени.

„Дури и ако почнат да произведуваат, здравствените протоколи и отсуствата поради загриженоста од вирусот можат да ја намалат продуктивноста“, предупредува Колас.

Бројот на смртни случаи како последица на корона вирусот се искачи на повеќе од 1.000 лица во Кина, каде што се регистрирани над 42.000 заболени.

„Многу фирми го преиспитуваат нивниот синџир на снабдување“, вели Рено Анјоран, извршен директор на „Софист “, компанија фокусирана за обезбедување на квалитет и инженерство во Кина. Тој предупредува дека илјадници мали и средни кинески фабрики може да се затворат како резултат на шоковите во производството.

Се очекува овој месец значително да се намали и сообраќајот на американските пристаништа – за 12,9 отсто на годишно ниво, а во март за 9,5 отсто, се вели во извештајот на Глобал порт тракер.

Се предвидува дека превозот ќе се зголеми во април, мај и во јуни. Но, на годишно ниво се проценува дека ќе има пад во споредба со 2019 година, која и онака беше послаба од особено стабилната 2018 година. Појавата на корона вирусот во Кина и неговото ширење уште повеќе ќе го зголеми предизвикот да се проектира обемот на транспортот на контејнери за следната година. „Прашање е колку скоро производството ќе се врати во нормала. По продолжената пауза за Лунарната нова година, сега сите очи се насочени кон понатамошните одлуки што ќе ги донесе Кина за да ја контролира епидемијата“, рече  основачот на „Хакет Асошиејтс“, Бен Хакет.