Светската атлетика ја продолжи суспензијата за Русија и Белорусија


Светската атлетска федерација останува конзистентна на својата политика за суспензија на спортисти од Русија и Белорусија од меѓународните натпревари, што го вклучува и Светското првенство што започнува в сабота во Токио, јави денеска агенцијата ДПА.

„Потребно ни е мирно решение“, изјави претседателот на Светската атлетска федерација Себастијан Коу, осврнувајќи се на војната што Русија ја води во Украина од 2022 година.

„Ништо не се променило, но искрено се надевам дека ќе се промени, и не само за спортистите, бидејќи ситуацијата е незамислива“, додаде Коу.

Русија беше казнета во ноември 2015 година за систематско допингување на своите атлетичари и оттогаш, Светската федерација им дозволи само на одредени руски спортисти да се натпреваруваат на атлетските турнири под неутрално знаме. Целосната забрана за настап на руските и белоруските атлетичари беше воведена откако почна војната во Украина пред три и пол години.