„Светот можеби се соочува со најопасниот период во последните децении“


 

Извршниот директор на JP Morgan, Џејми Дајмон, рече дека светот можеби се соочува со најопасното време во последните децении.

Во обраќањето до инвеститорите, тој рече дека е загрижен за ризикот за економијата поради растечките геополитички тензии. Тој истакна дека војните во Украина и Израел може дополнително да влијаат на цените на енергијата и храната, како и на глобалната трговија.

Тој ги информираше инвеститорите дека добивката на ЈП Морган, која е најголема банка во Соединетите Американски Држави, во третиот квартал годинава изнесува 13 милијарди долари, што е за 35 отсто повеќе во споредба со истиот период лани.

Смета дека тоа е последица на водење бизнис со домаќинства и фирми кои се во добра финансиска состојба. Но, Дајмон е внимателен кога станува збор за состојбата на глобалната економија, со оглед на бројните ризици.

„Јас сум внимателен бидејќи се соочуваме со голема неизвесност. Војната во Украина, комплицирана со најновите напади врз Израел, може да има далекусежни последици за пазарите на енергија и храна, глобалната трговија и геополитичките односи. Ова може да биде најопасното време што светот го видел во последните неколку децении“, рече тој.

Ситигруп, чиј финансиски директор Марк Мејсон, исто така, истакна дека има многу неизвесност, е загрижен за војните.

Дајмон, кој е на чело на ЈП Морган 20 години, е познат по тоа што отворено зборува за политички прашања. Тој ги осуди нападите врз Израел од страна на палестинската милитантна група Хамас, велејќи им на вработените во банката претходно оваа недела дека банката стои со народот на Израел, јавува Би-Би-Си.