Сведоци во „Тортура“: Камчев и Мијалков ќе се соочат во судница
Новинарката Оливера Трајковска, бизнисменот близок до поранешната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Камчев, и поранешниот портпарол на МВР, Иво Котевски, се повикани да сведочат на наредното рочиште за „Тортура“ по предлог на Специјалното јавно обвинителство, закажано за 20 јуни, кое се однесува на апсењето на лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски.
Во еден од нелегално прислушуваните телефонски разговори што во јавноста беа објавувани од страна на непознати лица, новинарката Трајковска во разговор со Камчев му вели да му пренесе на тогашниот директор на УБК, Сашо Мијалков, дека не ѝ се допаѓа апсењето бидејќи е веднаш по избори. Овој разговор беше пуштен во кривичниот суд како дел од доказната постапка за случајот „Тортура“.
„Не ми се допаѓа ова, да му кажеш на пријателот твој, уште прв ден по избори“, вели Трајковска во разговорот, но во следен разговор таа го одобрува апсењето бидејќи, како што вели, Бошкоски извршил кривично дело.
Котевски, кој сега е директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ е повикан за сведок по предлог на СЈО бидејќи во доказната постапка беше објавен негов телефонски разговор со тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Од разговорот се слушна како Јанкулоска му кажува на Котевски да не ги пуштаат снимките на кои се гледа насилното приведување на Бошкоски бидејќи тој претходно ја информираше дека постоела снимка каде што обвинетиот Ивица Антевски-Пуки му ставил пиштол во уста на Љубе.
На вчерашното рочиште сведочеа четворица вработени во МВР, кои немаа детали за акцијата.
Во случајот „Тортура“, покрај ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, обвинети се и поранешниот прв човек на единицата „Алфа“, Ивица Антевски-Пуки и уште петмина припадници на единицата. Специјалното јавно обвинителство ги гони за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување.