„Свадба“ со Бјелогрлиќ и Биторајац наполни 17 сали на премиерата во Скопје
Свадба ко свадба, што да се раскажува, парада на пијанство и кич…пееше своевремено во свoјот хит покојниот Ѓорѓе Балашевиќ. Нашите балкански свадби се стварно нешто посебно. Особено кога ќе се опијанат сватовите. Скопје (по Белград, Загреб, Сараево и Љубљана ) синоќа во Синеплекс “беше поканет на свадба на младенците Хрватката Ана, ќерка на бизнисмен во банкрот и на Србинот Небојша, син на српскиот шеф на дипломатија“. Комедијата која е снимена во копродукција помеѓу Хрватска и Србија, во режија на Игор Шереги е хит во регионот и руши историски рекорди по гледаност.

Ѝ без никој од актерите ниту од филмската импресивна актерска екипа, на премиерата во Скопје, која наполни 17 сали, беше весело, ко на свадба. Забава со бенд и ракија како симбол на балканските свадби за пречек на гостите, фотографирање со статисти облечени како невеста и младоженец, а „невестата“ симболично го фрли букетот во публиката на една од проекциите. Комедијата беше смеење до солзи, во приказната што започнува со бременост и еден единствен повик од Лондон. Работите брзо и безмилосно се вријат: свршениците стануваат причина за лавина од балкански емоции, политика, роднини, хаос и добар хумор. Плус, една од главните музички теми е песната „Се љубат добрите, лошите, злите“ (Љубе се добри, лоши, зли) од групата „Магазин“ од Сплит, снимена во 1989 година.
Препорачано за гледање! (Л.С.)