Судот во Санкт Петербург нареди заплена на имотот на Дојче банк и на Уникредит во Русија


Дојче банк ќе мора да ги предаде сите средства што ги поседува во Русија, според одлуката на судот во Санкт Петербург. 

Повод за ваквата објава на судот е тужбата што ја покрена Рускемалајанс (RusChemAlliance), компанија во која рускиот нафтен гигант Гаспром има 50 отсто сопственост.

Рускемалајанс ја тужеше Дојче банк затоа што раководителите на банката се откажаа од договорот за изградба на фабрика за преработка на природен гас.

Дојче банк требаше да биде гарант за финансирањето на изградбата на оваа фабрика, но тие решија да се откажат од проектот откако Русија ја нападна Украина, а откако почнаа санкциите на Европската унија против оваа земја.

Според одлуката на судот, вредноста е 238,6 милиони евра, иако напоменаа дека тоа е „само дел“ од она што ДБ го поседува во Русија.

Во петокот Арбитражниот суд на Санкт Петербург и Ленинградската област заплени средства и сметки на филијали на Уникредит банка во Русија во вредност од 462,6 милиони евра.

Според судското досие, ваквата одлука е донесена врз основа на тужба од компанијата за управување со проекти Рускемалајанс, пренесува Полигтика, повикувајќи се на Комерсант.

Запленети се хартии од вредност во сопственост на банките Уникредит АГ и Уникредит АД (со седиште во Минхен), како и недвижен имот и средства на сите банкарски сметки отворени на име на овие кредитни институции.

Рускемалајанс  поднесе тужба против Уникредит банка во август 2023 година, барајќи исплата на 45,7 милијарди рубљи (околу 463 милиони евра) под банкарски гаранции според договорот со германската инженерска компанија Линде.

Пред тоа, компанијата поднесе побарувања против уште две германски банки – Дојче банк и Комерцбанк, а износот на побарувањата беше 24 милијарди рубљи (242 милиони евра) и девет милијарди рубли (91 милион евра).