Судијата Наќе Георгиев оставил телефонски траги за претрес во Академијата на судии


Наќе Георгиев

 

Вчерашниот претрес во Академијата за судии и јавни обвинители е поврзан со истрагата против врховниот судија Наќе Георгиев кој е веќе три месеци во притвор под обвинение дека зел мито од 10.000 евра.

Обвинителите во неговиот телефон нашле траги и добиле сознанија за можно кривично дело. 

„Во рамки на предмет против врховен судија, јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција при анализа на телефонот на осомничениот дојде до сознанија што упатуваат на можно сторување на друго кривично дело. Како резултат на тоа, предметниот обвинител со цел да ги испита ваквите индиции оформи предмет со кој достави барање до судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје за одземање на два мобилни телефони од лице вработено во Академијата за судии и јавни обвинители, како и видео запис и две досиеја за еден поранешен и еден актуелен кандидат на Академијата“, се вели во денешното соопштение од ЈО.

Во текот на вчерашниот ден, припадници на Одделот за крим полиција и Одделот за сузбивање на организиран криминал постапиле по наредбата на судијата и ги обезбедиле бараните предмети.

Екипата истражители се интересирала и за седмата, осмата и деветтата (последна генерација) чие школување е во тек. Наводно, има и анонимни пријави за земање мито за упис на кандидати за слушатели за судии и обвинители.

За седмата генерација зеле документација за член од семејството на Георгиев, школуван во Академијата и веќе избран за судија.

Наќе Георгиев требаше веќе беше избран за член на Судскиот совет од редовите на Врховниот суд, но непосредно пред неговото гласање во Собранието, тој се повлече од кандидатурата за да нема судир на интереси бидејќи неговиот син требаше да се бира за судија. Поради очигледниот суди на интереси Георгиев се повлече за да му отвори пат на синот.