Судењето за злоупотреба на спортските ваучери почна одново
По промена на судечкиот совет, Во Основниот кривичен суд Скопје денеска повторно започна судењето за злоупотреба на спортските ваучери за кое се обвинети 12 лица меѓу кои поранешните директори на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски и Наумче Мојсовски. Сите 12 обвинети, на денешното рочиште изјавија дека не се чувствуваат виновни.
Воедно, дел од одбраната денеска побара постапката да се прекине, имајќи ги предвид измените во Законот за спорт со кои, според нив, не постои правен основ за каква било злоупотреба.
Според обвинителството, освен предлог на нови докази сѐ останато треба да се одбие и постапката да продолжи.
Промената на судечкиот совет следува откако судијката Ценета Бегтовиќ беше избрана за членка на Судскиот совет. Наместо неа, процесот ќе го води судијката Фросина Стојаноска.
Обвинети за „злоупотреба на службена положба“ и за „несовесно работење“ се поранешните директори на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски и Наумче Мојсовски и претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски, потоа Огнен Стојановски, Ѓорѓи Тасев, Наташа Смилевска, Бејтула Емини, Дриљон Леши, Мијази Елмазов, Иван Миновски, Даниел Каров и Сашо Поповски. Тие денеска изјавија дека не се чувствуваат виновни.
Дел од одбраната на обвинетите на денешното рочиште поднесоа прочистена листа на докази, а дел побараа да добијат препис од материјалните докази на обвинителството, за кои посочија дека не ги добиле.
-Со цел да може да подготвиме одбрана, потребно ни е да ни дадете препис од сите писмени докази наведени во листата на докази од страната на обвинителството, особено извештајот и анализа на Државниот завод за ревизија, конечниот извештај на ДЗР и двете известувања на УЈП. Без ова не сме во состојба да поставиме прашање на нашиот технички поддржувач, а со тоа реално и врз основа на закон да ја подготвиме нашата одбрана, посочија од одбраната.
Воедно, адвокатот Петре Шилегов, бранител на Каевски, побара од судот да ја прекине постапката или обвинителство да го повлече предлогот поради измените во Законот за спорт.
-Судот да ја прекине постапката или обвинителство да го повлече предлогот, имајќи предвид дека по поднесувањето на овој обвинителен предлог и по отпочнување на постапката на 12.8.2024 година Собранието на РСМ носи измени и дополнувања на Законот за спорт при што го укинува членот 14г што претставува правен основ за да зборуваме за каква било злоупотреба, рече тој.
Во врска на барањето за препис од доказите, обвинителката Лидија Раичевиќ се произнесе дека тие предлози се апсолвирани на првичната расправа, односно, дека доказите се доставени, на што дел од одбраната посочија дека биле вклучени во процесот непосредно пред расправата и ги немаат.
-Другите предлози од колегите претставуваат пример како е дојдено време да се ослободиме од лоши тактики на поднесување на предлози кои се апсолвирани на главните расправи, пред да се смени судечкиот совет, тогаш најголемиот дел од бранителите побараа препис од доказите и запознавање со содржината на истите и тоа е сторено, рече таа.
Во однос на предлогот на адвокатот Петре Шилегов, за прекин на постапката, таа рече дека не е ништо друго, туку, како што рече, само показател дека се трошело време и се вложиле сериозни амбиции да се покаже максимум напор постапката да престане.
-Овде се работи за цитиран член кој што претставува опис за пропуст од друг закон, друга материја, која што во развојот и еволуцијата на материјата која што го третира тој закон, може да претрпи не само нумерички, туку организациони, идеолошки, стратешки начини на постапување, финансирање, но тоа не значи дека тоа значи декриминализација на делото затоа што она што е тежиштето на ова кривично дело е дејствието на извршување, а бланкетната норма која што важела во време на извршување на кривичното дело е ориентир по кој што се препознаваат елементите на истото, образложи таа.
Раичевиќ посочи дека освен предлогот на нови докази, сѐ останато да се одбие и постапката да продолжи.
За Шилегов, ова образложение е несоодветно, а суштината за кривичните дела „злоупотреба на службената положба“ и „несовесни работење“ кои им се ставаат на товар во правната теорија се дела кои што не можат да егзистираат сами од себе.
-Тие не дефинираат конкретно инкриминирано поведение, туку ги даваат основите на описот, што сѐ може да биде инкриминирано дејствие, но, притоа, инкриминарноста ја бараат во прекршување на други членови од позитивното материјално право, рече тој.
Судот одлучи да се произнесе по однос на ова на следната главна расправа. Додека, во однос на барањето за видео и тонско снимање, кое не беше овозможено денеска, судот донесе решение главната расправа да продолжи на 14 март 2025 година.