Судење за „Пулс“: Пожарот се раширил за 30 секунди предизвикувајќи општ хаос и стампедо кон единствениот излез


Фото: Б. Грданоски

Околу 2 и пол почна огинот и им реков на другарите да излезат, тие не беа свесни сè уште, ја фатив девојка ми и ја истуркав заедно со другарка ѝ. На масата остана таа, не сакаше да излезе, и јас и нејзиниот дечко ја фативме за раката, зад нас имаше девојчиња на маса, не беа сè уште свесни дека гори. Се истуркавме до излезот, каде што се заглавивме малку, и ако подзадоцневме 12-ина секунди, немаше да излеземе. Надвор беше хаос и имаше многу луѓе – изјави сведокот Мартин Димитров на денешното судско рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“.

Според сведочењето на преживеаните за трагедијата во Кочани, пожарот се раширил за 30 секунди предизвикувајќи општ хаос и стампедо кон единствениот излез. Сведоците пред судот го истакнаа она што претходно и други сведоци во постапката го имаат посочено, а тоа е дека пожарот настанал по активирање пиротехнички средства по што настапило стампедо кон единствениот отворен излез. 

Сведокот Мартин Димитров пред судот истакна дека пожарот почнал околу 2.30 часот по што веднаш почнал да се евакуира заедно со девојката. Тој посочи дека надвор било хаос и дека таа вечер, според негова процена, во „Пулс“ имало 600-700 луѓе. 

– Околу 2 и пол почна огинот и им реков на другарите да излезат, тие не беа свесни сè уште, ја фатив девојка ми и ја истуркав заедно со другарка ѝ. На масата остана таа, не сакаше да излезе, и јас и нејзиниот дечко ја фативме за раката, зад нас имаше девојчиња на маса, не беа сè уште свесни дека гори. Се истуркавме до излезот, каде што се заглавивме малку, и ако подзадодневме 8-12 секунди, немаше да излеземе. Надвор беше хаос и имаше многу луѓе. Додека бев на првата скала, се свртев назад и сѐ беше темно, почнаа да пукаат, најверојатно, светилките – изјави Димитров.

Во обидите за гаснење на пожарот го забележал само сега починатиот фотограф Александар Ѓорѓиев, кој се обидувал да го изгасне огнот фрлајќи чаша со вода нагоре и нагласи дека не забележал противпожарни апарати, ниту хидранти, освен стрелки за излез над единствената врата. Димитров посведочи дека во спасувањето на присутните помагале повеќе лица, меѓу кои и обвинети во предметот.

Присуство на малолетници во објектот потврди сведокот Анастасија Илиева, која истакна дека на влезот не им биле побарани лични карти. Посочи дека критичната вечер била во дискотеката со четири другарки, од кои две малолетни. 

Илиева појасни дека околу 2 часот почнал настапот на групата ДНК, а половина час подоцна се вклучиле пиротехничките средства.

– Околу два и пол се вклучија пиротехничките средства, јас бев на друга маса со други другари и пејачот рече дека се запалило, мислевме дека е нешто мало, ние не забележавме, мислевме дека ќе се спречи. Тргнавме да излегуваме надвор, меѓутоа настана стампедо – рече Илиева. 

Изјави дека изгубила свест помеѓу вратата и тоалетот по што била спасена преку дупка направена во ѕидот. Опишувајќи го моментот пред да изгуби свест, рече дека забележала густ чад и чуден мирис. 

Додаде дека чекала неколку секунди откога пејачот на ДНК на микрофон рекол дека има пожар претпоставувајќи дека некој ќе ја отвори задната врата бидејќи, најверојатно, била заклучена. Илиева посочи и дека доброволно го предала својот мобилен телефон на обработка, на кој имала снимка од моментот кога се вклучуваат пиротехничките средства и почнува да гори. 

Претходно, на денешното рочиште, друг сведок, кој бил гостин таа вечер, посочи дека пожарот се раширил на целиот плафон за 30 секунди, што предизвикало хаос во дискотеката. Тој наведе дека бил спасен од лице од обезбедувањето и од пожарникар откога врз него паднала ПВЦ-врата и имало седум луѓе врз него. 

Судењето за пожарот во „Пулс“ се наоѓа во фаза на доказна постапка. На претходното рочиште, одржано на 6 април, сведочеше Наско Карадаковски, татко на починатиот Александар Карадаковски, кој пред судот изнесе тврдења дека син му бил назначен за управител „за да не пропадне лиценцата“ на објектот, без да ги знае вистинските одговорности.

Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевски и се наоѓа во фаза на доказна постапка и продолжува со сослушување сведоци на предлог на Обвинителството, кое го застапува тим од 15 јавни обвинители. 

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.