Судење за Фросина: Васил призна вина – пред сообраќајката поминал и на две полни ленти

Обвинетиот Васил Јованов, кој е редовен студент и беше спроведен од затворски притвор, пред Судот рече дека го разбира делото за кое е обвинет и призна вина


Судење за фросина, обвинетиот Васил Јованов (Фото: Б. Грданоски)

 Васил Јованов, осомничен за кривично дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ за сообраќајката од јануари годинава на Булеварот „Партизански одреди“ во Скопје во која животот го загуби Фросина Кулакова, денеска пред Основниот кривичен суд Скопје призна вина за делото.

Обвинетиот Васил Јованов, кој е редовен студент и беше спроведен од затворски притвор, пред Судот рече дека го разбира делото за кое е обвинет и призна вина.

– Најпрво сакам да изразам најдлабоко сочувство на целото семејство и да се извинам за тоа што сум го сторил. Никогаш не сум можел ниту да помислам за вакво нешто. За вината, да судија виновен сум, рече Јованов.

Во судница, присутни беа родителите и сестрата на трагично починатата Фросина, како и родителите на обвинетиот Васил.

Обвинителот Александар Марковски во воведниот збор рече дека ќе докаже возачот Васил Јованов, кој ја усмрти Фросина Кулакова која поминуваше на пешачки премин – тоа го сторил со умисла. На првото рочиште, обвинителот Марковски рече дека ова не е само несреќа во која навидум еден маж, прегазил жена. Обвинителот посочи дека сообраќајката е последица на низа сообраќајни пропусти. Затоа, рече обвинителот Марковски, возачот Васил Јованов, се гони за најтешката квалификација на кривичното дело.

Обвинителот рече дека тие ќе се трудат да докажат дека, за нецела минута пред критичниот настан, сторил и други пропусти од сообраќајна природа.

„Од типот на цик-цак возење, поминување на две полни ленти. Не се релевантни од кривична природа, но се докази за умислата за кривичното дело за кое се товари.“, рече обвинителот.

Тој посочи дека за сѐ имаат докази.

„Навидум еден маж, прегазил една жена. Но не е така. И ова не е така поради медиумската помпа или поради тоа што се случила на популарно место. Ова не е обична сообраќајка поради начинот на кој е сторена, односно големиот број на сообраќајни пропусти на строител, а највеќе поради загубата на животот на младата Фросина Кулакова. Овие околности придонесоа, правна квалификација, во нејзиниот најтежок квалифициран облик. За вакво нешто, за да се утврди, беа прибавени докази во поприличен број. Четири вештачења, од кои се издвојува сообраќајното вештачење кое е податливо. Беа испитани осум сведоци од кои најголем број се очевидци, има материјални докази. Обвинетиот е осудуван, иако тој не спомена дека бил осудуван кога ги даваше своите генералии“, рече обвинителот.

Камелија Кулакова, мајка на загинатата Фросина, побара најстрога казна за возачот Васил Јованов. 

„Барам највиска казна, барам правда. Не за одмазда, барам највисока казна за правда. За утре ниту едно дете да не се најде на местото на Фросина. Ве молам не дозволувајте животот на Фросина да заврши во празнина. Ве молам покажете дека правдата има душа, и дека злосторството не смее да помине како сенка. Правдата нема да ми ја врати Фросинче. Но ќе ми ја врати вербата дека нејзината смрт не била залудна“, рече Камелија Кулакова, мајка на загинатата девојка.

Бранителот на Васил Јованов, адвокат Сашко Дуковски, пред судот побара да се оттргне, како што рече, една голема невистини за сега обвинетиот Васил, дека е наркоман, нагласувајќи дека тој е спортист.

– Васил е спортист и за тоа доставувам потврда за членство во бокс клуб, освоени медали и благодарници. Доставувам и потврда од ракометната федерација дека Васил е лиценциран играч за РК Пролет 62 за сезона 2021-22 година, изјави Дуковски.

Дуковски, исто така, нагласи дека не го спорат присуството на алкохол во крвта, но дека во вештачењата нема никакво присуство на дрога. – Тоа судот може да го утврди во направените вештачења, рече Дуковски.

Судијката Снежана Марковска, на почетокот на денешното рочиште информираше дека поради неуредна покана шест сведоци не се присутни.

На 29 јануари 2025 година, Васил Јованов, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, управувал возило со брзина од 91 километар на час на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. На пешачки премин, на црвено светло, удрил во Фросина Кулакова, која поминувала на зелено светло за пешаци. Од силата на ударот, Фросина се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место.

За делото за кое се товари Јованов е предвидена затворска казна до 20 години. 

Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог и против таткото на Васил, Зоран Јованов, за кривично дело „предизвикување општа опасност“ од член 288 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Обвинението се однесува на периодот од 04.11.2022 до 30.01.2025 година, во кој Зоран Јованов дозволувал на својот син Васил Јованов да управува патничко моторно возило „Пежо 207“, иако знаел дека синот нема возачка дозвола и е повеќекратен сторител на сообраќајни деликти вклучително и сообраќајната несреќа во која животот го загуби 22-годишната Фросина Кулакова.