Суд наложи уривање на фабриката за автомобили „Пакард“ во Детроит


Американските судски власти наложија уривање на градбите на некогаш познатата фабрика за луксузни автомобили „Пакард“ во Детроит, утврдувајќи дека објектите се во распаѓање и станале „опасност по јавното здравје“.

Судијата на Окружниот суд, Вејн Брајан Саливан во наредбата вели дека перуанскиот сопственик на фабриката, Фернандо Палазуело и неговата компанија „Арт експрес Детроит“ мора да го отстранат целиот отпад од огромниот терен и да ги урнат сите нивни згради во источен Детроит. Наредбата од 31 март значи дека повеќе од 30 парцели во сопственост на Палазуело се „јавна опасност што ги засега заедничките права на пошироката јавност, значително загрозувајќи го јавното здравје, безбедност и благосостојба“.

Изградена на почетокот на 20 век, фабриката „Пакард“ е дизајнирана од познатиот американски индустриски архитект Алберт Кан (1869-1942). Компанијата е доминантен производител на луксузни автомобили во САД од 1920-тите, а до 40-тите имаше 36.000 вработени. Последниот автомобил е направен таму кон крајот на 1950-тите, а потоа зградите се користеле како магацини, или за други помали индустриски потфати.

Градот Детроит конфискуваше поголем дел од имотот на „Пакард“ во 1994 година, бидејќи поранешните сопственици не платиле заостанати даноци. Со текот на времето, местото стана депонија и еден од најголемите загадувачи во градот.

Палазуело го купи имотот во 2013 за 405.000 долари, планирајќи да го реновира и да го отвори како комерцијален, станбен и културен комплекс. Следната, 2014 година беше соопштено дека вкупните трошоци за пренамена се проценуваат на близу 350 милиони долари, кои требаше да се обезбедат од средства од проекти на Палазуело во Лима, Перу. Сепак, тој не успеа да ги собере парите и во 2016. побара од Градскиот совет замрзнување на наплатата на даноци на 12 години.