Субвенциите за инвертер клима уредите ќе бидат исплатени најдоцна за две недели


Субвенциите за инвертер клима уредите што беа дел од проект на минатата влада би требало да бидат исплатени за две недели, најави денес министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.

Одговарајќи на новинарско прашање на прес конференција посветена на првите 100 дена од функционирањето на министерството во рамки на Владата, таа рече дека доцнењето се должи на фактот дека овој проект беше првично во министерството за економија, а со поделбата мораше да се направи делбен биланс и средсвта да се префрлат во новото министерство со ребалансот на Буџетот.

Постапката морала да помине на законодавство, на Генералн секретаријат на Владата и потоа на Влада.

„Се надевам најдоцна за две недели средствата ќе бидат исплатени“, рече Божиновска додавајќи дека се извинува од името на целата Влада поради застојот, но тоа се должело на законските процедури.

Јавниот повик за субвенции за клима уредите на крајот на јануари и во почетокот на февруари годинава предизвика огромен интерес кај граѓаните. Само за неколку дена колку што траеше, беа поднесени околу 8.000 барања, а заедно со другиот повик за субвенции имаше над 18.800 апликации.

Станува збор за доделување ваучери за инвертер клима-уреди согласно програмата за поттикнување енергетска ефикасност на домаќинствата за 2024 година за што беа предвидени 210.000.000 денари, како и за доделување ваучери за инвертер клима-уреди согласно програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2024 година за што беа предвидени 45.000.000 денари.