„Студентка“ на Вучиќ: Нè донесоа во паркот, ни рекоа дека ќе останеме само еден ден

„Студентите кои сакаат да учат“ од четвртокот навечер кампуваат во Пионерскиот парк, пред зградата на Српското претседателство. Во меѓувреме, во овој импровизиран „студентски“ камп беа идентификувани и функционери и членови на СНС, партијата на претседателот Александар Вучиќ.
Лажни студенти
Лажните студенти најчесто се вработени во јавни институции, меѓу кои и платени статисти, како и професори од Косово чии факултети не се блокирани. Меѓу нив имало и вработена во државна институција која ѝ пришла на новинарката од „Нова“ со желба да раскаже како завршила таму.
Во Пионерскиот парк со денови живеат „студенти 2.0“, оние кои сакаат факултетот да продолжи со работа и да издава книги. Така, на социјалните мрежи се објавуваат фотографии од истите овие луѓе, од кои некои веќе не се студенти, а некои никогаш и не биле.
Ова во интервју за „Нова“ го потврди една од оние кои се најдоа во кампот пред Претседателството. Плашејќи се за својата безбедност и егзистенција, таа побара да остане анонимна. Таа е од околината на Белград и е вработена во државна институција на определено време.
Таа вели дека ѝ рекле дека доаѓаат на еден ден. „Неодамна ја добив оваа работа и сум член на СНС. Пред неколку дена ни рекоа дека одиме во Белград и дека ќе поминеме еден ден во Паркот на пионерите за поддршка на претседателот. Но, кога стигнавме ни рекоа дека ќе мора да останеме подолго“, вели соговорничката на Нова. Тие биле оставени во паркот, а организаторите набрзо им донеле храна и грицки. Тогаш им било кажано дека ова ќе биде доволно за почеток.
Требаше да останеме само еден ден
„Некои членови на групата не ни знаеја каде одат, па ги донесоа неподготвени и без соодветна облека. А претходните денови беа врнежливи и студени. Но, бидејќи повеќето од нас кои беа донесени во Пионирскиот парк бевме вработени со договори на дело, бевме принудени да останеме за да си ја задржиме работата“, вели соговорничката на Нова.
Тоа, вели таа, не била лесна задача. Особено во текот на претходната ноќ кога протекуваа голем број шатори, а инциденти имаше и во самиот камп, посочува таа.
Не им било кажано колку долго ќе треба да бидат во паркот или што ги чека понатаму. Во меѓувреме, како што се приближува големиот студентски протест во Белград оваа сабота, бројот на луѓе во овој камп се зголемува.