„Кој тоа таму блокира“: Студенти во Србија ја препееја легендарната сцена од филмот „Кој тоа таму пее “

Студентите кои протестираат во Србија ја рекреираа иконската сцена од филмот Кој тоа таму пее , во режија на Слободан Шијан. Тие објавија видео наречено Кој тоа таму блокира ?
„Во сабота ќе се раздени, од далеку ќе дојде ден. Сиромашните од овој крај чекаат да изгрее, чекаат да изгрее“, е дел од песната За Белград, со која ги најавија протестите што ќе се одржат во сабота на 15 март во главниот град на Србија.
Студентите велат дека нема да запрат додека нивните барања не се слушнат јасно и гласно. Меѓу клучните причини за протестот, тие го наведуваат незадоволството од моменталната состојба во образованието, неправедната распределба на буџетските средства и недостигот од дијалог со надлежните институции.
Овој протест е продолжение на повеќемесечните студентски протести кои постојано собраа илјадници млади луѓе ширум земјата. Студентите веќе одржаа забележителни собири во Ниш, Крагуевац и Нови Сад, а Белград треба да биде кулминација на нивните барања.