Студена порака од Курти за Таравари: Поддршката за Силјановска е на штета на Албанците
Само неколку часа откако Христијан Мицкоски отиде во седиштето на коалицијата „Вреди“ да се сретне со Арбен Таравари стигна студена порака од главниот патрон на албанската опозиција – косовскиот премиер Албин Курти. Пораката ја испрати неговата десна рака, претседателот на парламентот Глаук Коњуфца.
И таа гласи: Концептот на Гордана Силјановска-Давкова е антиалбански и таа не треба да се поддржи во вториот круг од претседателските избори.
Коњуфца ова го изјави за порталот „Тетова сот“ прашан за коментар за средбата меѓу Таравари и Мицкоски.
Новинарот на „Тетова сот“ отишол во Приштина да го праша премиерот Курти за средбата меѓу Таравари и Мицкоски, но успеал да се сретне само со Коњуфца, кој го повикал лидерот на едното крило на Алијансата за Албанците и претседателски кандидат да не брза и дека поддршката за Силјановска-Давкова и секоја соработка со ВМРО-ДПМНЕ е антиалбанска.
„Не сум запознаен со оваа средба, но ви верувам во ова што го кажувате и го сметам за вистина“, му вели Коњуфца на новинарот. „Ги гледав политичките концепти што ги има Гордана Силјановска-Давкова, тие се многу антиалбански концепти. Постојат сомнежи кај албанското население таму. Јас сум многу против овие концепти и јас би бил против за поддршка на такви концепти од кој било Албанец. Јас не би поддржал таква опција бидејќи е на штета на Албанците“, вели Коњуфца.
Курти и неговата партија Самоопределување се главни патрони на албанската опозиција во нивната битка да се урне доминацијата на ДУИ во албанскиот политички кампус. Четворицата лидери на коалицијата „Вреди“ имаа неколку средби со Курти во Приштина во последниве месеци.