Струмица му подаде рака на Кочани – ќе му помага со искуство

-Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов и в.д. градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски, денеска потпишаа Меморандум за соработка меѓу двете општини, кој на првите наредните седници на советите ќе прерасне во Договор за меѓуопштинска соработка.
Според струмичкиот градоначалник, на чија иницијатива се одржа денешната средба, сега доаѓа време кога на Кочани му е потребна институционална поддршка.
-Имавме состаноци со Секторот за инспекциски служби на коишто раководителот елаборираше за плановите и динамиката во рамки на општина Струмица и можноста да асистираме и споделиме искуства и знаење со Секторот за инспекциски служби во Кочани. Тука беше и Секторот за урбанизам од којшто општина Кочани ќе има потреба од планери, архитекти и градежни инженери, беше потенциран проблемот со уличните кучиња којшто Струмица го имаше до пред неколку години, но го реши благодарение на преземањето на Стационарот „Лана“ со што станавме и прва општина во Македонија со сопствен стационар за згрижување на уличните кучиња и реално се решава проблемот со глутниците клучиња.Тоа беа темите на коишто ставивме фокус, а го споделивме и моментот со наредбата издадена од моја страна од 21.03.2025 година за што веќе се водат постапки кон 24 правни лица во најголема мера угостители, истакна Костадинов.
В.д. градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски се заблагодари за подадената рака од Костадинов и Општина Струмица и на сите кои помогнале на Кочани во овие тешки времиња.
-Нам ни треба и институционална помош. Помошта од граѓаните ја добиваме секојдневно, но нам ни недостасува помош од институциите. Нашата општина е сардисана во делот на инспекциските служби и подадената рака во делот на градежните инспектори ја прифаќаме и ќе потпишеме договор за соработка и сакаме позитивните практики од Општина Струмица да ги примениме, бидејќи од оваа несреќа треба да извлечеме поука, а таа е дека јавната површина е јавен интерес. Нема да има никаква толеранција спрема угостителски објекти коишто го узурпираат јавниот интерес и се безбедносен проблем. Со потпишувањето на Меморандумот ќе имаме логистичка помош, ќе имаме насоки од страна на Општина Струмица во делот на нивното позитивно искуство и се надевам дека истото ќе го примениме во Кочани и ќе успееме да постигнеме резултати коишто ќе бидат во интерес на народот, изјави Крстевски.
Тој апелираше до сите државни институции и до сите други општини дека на Кочани му е потребна помош, бидејќи како што кажа се соочиле со трагедија која не беше само трагедија за Кочани, туку е трагедија за целата држава и се надева дека и Владата ќе им излезе во пресрет за нивните потреби и барања за да успеат да го издигнат Кочани кој сега се наоѓа во очајна состојба.