Стразбур бара измени за политичкото рекламирање во медиумите во „пет до дванаесет“


 Предизборна делегација на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), која само што ја заврши посетата на Македонија, смета дека периодот пред изборите е стабилен и се очекува изборите да ги исполнат демократските стандарди. Во оценката што ја испратија до медиумите стои:

-Политичкото опкружување, иако веќе силно поларизирано, сè уште е многу динамично и се менува, и ги повика сите засегнати страни да обезбедат кампањата да тече непречено до денот на изборите. Речиси сите политички сили во Северна Македонија се за европска интеграција на земјата и се надеваат дека ќе се најде решение за преостанатите пречки.

Делегацијата беше информирана дека не се адресирани низа долгогодишни препораки на ОДИХР, вклучително и препораки за усогласување на Изборниот законик, дека не се утврдени јасни процедури за мандат и именување на државните изборни комесари и да се обезбедат ефективни правни лекови за изборните спорови. Делегацијата беше задоволна што слушна за општата доверба во целокупниот професионализам на ДИК, но забележа помал степен на доверба во пониските изборни тела.

Делегацијата со задоволство забележа општо ниво на доверба во точноста на избирачкиот список и методите на регистрација на избирачите. Сепак, доби информација дека вкупниот број на гласачи може да биде надуен поради граѓаните кои остануваат во евиденцијата и покрај тоа што живеат во странство. Исто така, со загриженост беше забележано дека на оние граѓани кои ќе наполнат 18 години меѓу првиот и вториот круг од претседателските избори ќе им биде одземено правото да гласаат за вториот круг од претседателските избори.

Делегацијата дозна дека партиите и кандидатите можат слободно да водат кампања. Иако говорот на омраза не се смета за главно изборно прашање, делегацијата слушна за случаи на лични напади и обиди за заплашување против претставници на граѓанското општество, кои кулминираа со поттикнувања на насилство, па дури и со смртни закани. Делегацијата најостро ги осудува ваквите практики кои се неприфатливи во европска демократија и изразува надеж дека надлежните органи итно ќе преземат силни мерки против сторителите на ваквите закани.

Делегацијата истакна дека, иако досега нема знаци за масовна злоупотреба на државните ресурси, постои загриженост дека тоа сепак може да се случи за време на изборната кампања. Се слушна и за можни притисоци врз вработените во јавниот сектор, како и врз затворениците во затворите.

Формулата за дистрибуција на политичко рекламирање во медиумите и на јавните простори, некои ја гледаат како привилегирање на поголемите и поафирмирани партии, наместо  обезбедување фер пристап на сите натпреварувачи, вклучително и помалите партии.

Делегацијата, исто така, ја забележа загриженоста за одредени аспекти на изборниот процес, вклучително и изборната правна рамка (донесувањето амандмани во последен момент на Изборниот законик), како и прилично слабото регулирање на правилата за финансирање на кампањи (особено во врска со мноштво веб-портали навидум создадени неодамна со единствена цел да се добие јавно финансирање за партиите). Делегацијата признава дека решавањето на некои од овие прашања пред денот на изборите може да биде предизвик, но силно бара акција за оние кои сè уште можат да се поправат, стои во дописот на мониторинг мисијата на Стразбур. (Н.В.)