Страв, гнев и вознемиреност најчести проблеми пријавени на линијата за помош на деца „Ало Бушавко“


Линијата за помош на деца „Ало Бушавко“ при Првата детска амбасада „Меѓаши“ во текот на изминатата година примила 208 повици, при што поддршка добиле вкупно 222 деца и млади лица. Најзастапени проблеми биле оние поврзани со менталното здравје, а најчесто пријавуваните состојби се страв, вознемиреност и проблеми со гневот. Според возрасната група, најмногу се однесувале на деца на возраст меѓу седум и девет години, од кои 108 биле машки а 87 женски.

Годишниот извештај на организацијата кој беше презентиран денеска во Центарот за социјални претпријатија покажува дека 74,2 отсто од сите пријавени случаи се однесуваат на ментално здравје. Меѓу децата кои се јавиле, дури 97 се пожалиле на страв и вознемиреност, 93 на тешкотии со гневот, а 79 деца изразиле длабока загриженост за себе. 

-Главните причини за ваквите состојби се нарушени односи меѓу родителите, особено по разводи, како и емоционалната нестабилност што произлегува од тие ситуации, стои во извештајот.

Категоријата „Семејни односи“, која е четврта по зачестеност, вклучува 17 случаи кои директно се поврзани со конфликти меѓу родители.

На второ место се случаите поврзани со насилство и занемарување, што сочинува 16,8 отсто од пријавените случаи. Најчесто пријавувано е емоционалното насилство (30 случаи), потоа следуваат занемарување (21) и физичко насилство (18 случаи).

Пријавувани се и прекршувања на детските права во образованието. Од вкупно 18 случаи, дури 16 се однесуваат на неправилности во односот со наставен или стручниот кадар.

Поголемиот дел од децата доаѓаат од урбани средини (210 деца), а според етничка припадност, 168 од јавувачите се Македонци, 16 Албанци, 7 Роми, додека за 17 случаи не е утврдена етничката припадност.

Од „Меѓаши“ апелираат за посилна интерсекторска соработка, подобри услуги за ментално здравје на децата и зголемена чувствителност на училиштата и семејствата во препознавање и справување со овие проблеми.