Стопанска банка го прослави 80-годишниот јубилеј (фото)
Банката со најдолга традиција во земјава, Стопанска банка АД – Скопје, го прослави 80-годишниот јубилеј со уникатен гала концерт на виртуозот на пијано, маестро Симон Трпчески, одржан во Филхармонијата.
На централната прослава, со присуство на професорот Гикас Хардувелис, претседател на одборот на директори на НБГ и други извршни директори на Групацијата НБГ, а пред истакнати гости од државата, амбасадите, претставници на значајни домашни и странски финансиски институции, бизнисмени, новинари, сегашни и поранешни вработени и соработници, Банката потсети на успешната приказна што ја испишува веќе осум децении. Приказна за трајно наследство, со Стопанска банка како темел на домашната економија и симбол на стабилност, безбедност, напредок и доверба.
Специјално за оваа свечена прослава на јубилејот, маестро Симон Трпчески и неговите пријатели изведоа маестрален концерт со транскрипција на традиционалната музика од регионот, на композиторот Панде Шахов. На сцената на Филхармонијата, покрај Трпчески на пијано, беа: Хидан Мамудов на кларинет и саксофон, Владимир Крстев на виолина, Александар Сомов на виолончело и Влатко Нушев на перкусии. Специјални гости на концертот беа виолинистот Симос Папанас од Солунската филхармонија, како и познатата локална вокалистка Елена Андоновска. Специјалните визуелни ефекти создадени за потребите на настанот од регионално познатиот видео-уметник Флоријан Канга, дополнително ја збогатија свеченоста.
Прославата е дел од активностите со кои Банката прославува 80 години традиција и напредок, испраќајќи порака до сите да продолжат да создаваат и инвестираат овде, за ДОМА и понатаму да биде најдоброто место на светот, место за живот и просперитет на сите оние кои ги сакаме и почитуваме.