„Стоп“ за ноќните мототрки
По зачестените сообраќајни несреќи со мотоцикли во Скопје, полицијата реализираше акција, сакајќи да ги пресретне брзите и диви возачи што сеат страв по улиците. Во петчасовната акција спроведена во ноќта меѓу четвртокот и петокот, откриени се 40 возачи на мотори што го прекршиле законот, против кои се поднесени исто толку платни налози. Покрај тоа, поради сомнение за техничка неисправност, односно создавање бучава, одземени се 13 мотоцикли.
„Откриени се и 43 останати прекршоци за што се издадени 19 мандантни платни налози и 24 прекршочни платни налози. Во периодот од први јануари годинава заклучно со 31 август, само во Скопје се санкционирани 1.111 мотоциклисти. И во наредните денови ќе продолжиме со зајакнати акциски контроли“, велат од Министерството за внатрешни работи.
Како што соопшти полицијата, само во средата беа повредени петмина скопјани. Вечерта околу 20 часот, на булеварот „Илинден“, 38-годишен скопјанец со својот мотоцикл „БМВ“ покоси четири жени на возраст од 45 до 76 години. Им нанел тешки повреди, но се надвор од животна опасност.
Неколку часа претходно, деветгодишно дете беше прегазено на пешачки премин во населбата Радишани. Излегувајќи од училиште, момчето со соучениците запрело на преминот, по што автомобил им остапил предност. Но, мотоциклист го заобикол автомобилот и удрил во детето, кое, за среќа, помина „само“ со повреди на ногата.
Проблемот со дивите моторџии е нерешлив со години наназад. Јавна тајна е дека на булеварите „Јане Сандански“, „Александар Македонски“, „Партизански одреди“ и „Борис Трајковски“ се организираат и одржуваат ноќни трки. Всушност, лудо се вози на секоја улица каде што ќе се спојат барем стотина метри без семафори.
Скопјани укажуваат дека најопасно е за време на викендите, особено кога времето е топло и суво. Жителите на Аеродром велат дека трките почнуваат во близина на Железничката станица и продолжуваат по булеварите „Кузман Јосифовски – Питу“ и „Јане Сандански“. Семафорите и пешачките премини се само декор…
Трките најчесто се оддржуваат во неделите, бидејќи во тој ден има најмалку сообраќај, но отстапки има во петочните и саботните вечерни часови. „Болидите“ со мала кубикажа и „фризирани“ мотори ги оставаат граѓаните без сон. Една од рутите е првиот надвозник кај Ченто до вториот надвозник што го поврзува пазарот во Синѓелиќ со Маџари.
Опасни трки има и на булеварот „Борис Трајковски“, односно „Партизански одреди“. (Г.А.)