Стоковната куќа во Радовиш се пренаменува во културен центар

Со реконструкција ќе се пренамени Стоковната куќа во Радовиш и ќе стане мултифункционален и културен центар со музејска поставка на град Радовиш „Рада“.
„Јас само посакувам овие проекти побргу да бидат завршени, за да можат радовишани да ги користат“, рече премиерот Христијан Мицкоски кој денеска беше во посета на овој објект.
Градоначалникот Ристов истакна дека овој објект за радовишани ќе значи многу, во него ќе се одвиваат сите настани од културата, образованието, ќе има содржини за едукација.
„Радовиш немаше ваков центар во кој граѓаните ќе можат да ги остваруваат своите потреби во делот на едукација, образование, култура, информации и многу други содржини кои ќе ги имаа во објектот, а кој ќе биде наменет за сите од 6 до 66, па и понатаму. Објектот ќе биде самоодржлив, затоа што ќе има такви содржини кои ќе го овозможат тоа“, изјави градоначалник Ристов кој изрази благодарност до Владата за дадената поддршка во реализација на проектот.
Министерот за локална самоуправа Златко Перински изрази благодарност за проактивноста на градоначалникот и неговиот тим за подготовка на проектната документација и изрази надеж дека со исто, но и засилено темпо ќе продолжат во таа насока, а Владата ќе продолжи со поддршката за сите локални самоуправи.
„Денеска сме во Радовиш да го одбележиме отпочнувањето на градежните активности за реконструкција на старата Стоковна куќа, објект кој повеќе од 30 години беше симбол на еден транзициски и тежок период за целата држава. Согласно средствата кои самата Општина ги доби од првиот јавен повик за првата фаза и се надевам од вториот јавен повик за втората фаза, општина Радовиш ќе добие еден репрезентативен и прекрасен објект во срцето на самата општина на општо задоволство на сите граѓани“, истакна Перински.
Изградбата на објектот, според министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, значително ќе придонесе и за развој на туризмот.