„Стипион“ кај Штип ќе биде најголем соларен парк на Западен Балкан, отвора врата и за други француски инвестиции
Првите количини на електрична енергија ќе протечат во текот на 2023 година, а целосна реализација се очекува до крајот на 2024 година
Македонија ќе добие соларен парк, кој ќе биде еден од најголемите во Европа, со капацитет за производство на електрична енергија од 360-400 мегавати. Станува збор за директна француска гринфилд инвестиција кај нас, вредна 270 милиони евра, најголема во овој домен за македонската економија, што ќе помогне во напорите за енергетска транзиција и за енергетска независност на земјата, но и ќе биде сигнал за други инвеститори.
Ова беше нагласено денеска на претставувањето на соларниот парк „Стипион“ на француската компанија „Акуо Енерџи“ што ќе се гради на потегот од Штип до Свети Николе, на локацијата каде што требаше да има карго аеродром на површина од 452 хектара и кој кога ќе биде целосно завршен до крајот на 2024 година ќе овозможи да ги задоволува потребите за струја на 94.000 домаќинства.
„Соларниот парк ‘Стипион’ ќе се гради во текот на 2022 година на локација која што беше предвидена за изградба на карго аеродромот во Штип. Оваа местоположба, согласно анализите на соларната радијација, карактеристиките на земјиштето, како и оддалеченоста од преносната мрежа има одлични услови за изградба на фотонапонска електрана“, рече премиерот Зоран Заев, посочувајќи дека стратешкиот проект ќе се реализира со водечка француска компанија за производство на електрична енергија исклучиво од обновливи извори „Акио енерџи“.

Тој објасни дека за успешна реализација на инвестицијата Владата донесе одлука за статус на стратешки инвестициски проект на друштвото за производство на електрична енергија „Остро солар Скопје“, како и дека за таа цел во фаза на подготовка е посебен закон кој се очекува да се донесе во првиот квартал 2022 година.
Согласно планот првите количини на електрична енергија ќе протечат во текот на 2023 година, а целосна реализација се очекува до крајот на 2024 година.
Производството на електрична енергија е проценето на околу 650 гигават часови на годишно ниво што претставува 16 проценти од годишното производство на електрична енергија од АД ЕСМ. Оваа фотонапонска централа ќе ги задоволува потребите на околу 94 илјади домаќинства.

„Инвестицијата е директна придобивка од реформите во енергетскиот сектор спроведени токму од оваа влада“, нагласи Заев.
За значењето на ова инвестиција, но и за заинтересираноста на други француски компании да вложуваат во земјава, зборуваше францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер кој овој проект го стави и во контекст на обновувањето на односите меѓу двете земји, нагласувајќи дека е најголемата француска инвестиција во земјата во последните петнаесетина години.
Тој посочи дека соларниот парк ќе биде најголемиот кој до сега е изграден во регионот на Западен Балкан, како и дека има големо стратешко значење бидејќи ќе придонесе да се зајакне енергетската независност на Северна Македонија, истовремено помагајќи ѝ на земјата да го изгради својот амбициозен европски пат за намалување на емисиите на јаглерод диоксид.
„Освен тоа оваа инвестиција испраќа сигнал за пријателство до Северна Македонија и сигнал за доверба во нејзината европска иднина“, рече амбасадорот Бомгартнер додавајќи дека овој сигнал не е изолиран и дека десетина француски компании, секоја од нив меѓународно призната, во моментот работат на своето позиционирање на македонскиот пазар.

„Непосредната соработка помеѓу нашите две земји малку загуби на интензитет последните години, а нашите односи не беа на висина на која што требаше да бидат. Сега работите се менуваат. Благодарение на личната посветеност на највисоко државно и владино ниво во секоја од нашите две земји билатералните политички односи добија на интензитет на доверба и на суштина. Претседателот на Владата во јуни минатата година беше во посета на Париз на историска средба со претседателот на Француската Република. Ги повикува сите уште еднаш да ги слушнат изјавите за јавноста дадени во таа пригода од страна на нашите двајца лидери“, рече Бомгартнер.
Давајќи и на инвестицијата и политичка тежина Бомгартнер директно се обрати до премиерот Заев, потсетувајќи дека „претседателот на Франција тогаш кажа и постојано повторува дека Франција посакува пристапните преговори да започнат без одлагање затоа што Северна Македонија постигна извонреден напредок и го заслужува тоа“.
„Франција прави напори на највисоко ниво за да се постигне тој резултат и тоа сега сите може да го видат“, рече Бомгартнер, додавајќи дека оваа заложба е доказ и за стратешката визија која ја споделуваат двете влади во полза на стабилноста на регионот на Западен Балкан.
„Всушност, многу нешта не зближуваат и затоа ова обновување на односите меѓу нашите две земји е само враќање во нормала додека чекаме да се најдеме во најблиска можна иднина едни со други заедно обединети во нашето европско семејство“, рече Бомгартнер.
Претседателот на француската компанија „Акуо Енерџи“ Ерик Ското, не го криеше задоволството од можноста да инвестира во Северна Македонија.
„Се гледа нели? Навистина сум пресреќен што денес сум со вас во Скопје. Јас за прв пат престојувам во Северна Македонија и навистина сум почестен што сум овде за да ви зборувам за тема за која што ми е при срце, а тоа производство на зелена енергија локално“, рече Ското, нагласувајќи дека инвестицијата ќе овозможи да се поддржи Северна Македонија кон нејзината амбиција за енергетска независност.
„Вие поседувате добра кои што никој не ќе може да ви ги земе – а тоа е сонцето. Благодарение на сонцето вие од сега ја имате можноста да произведувате електрична енергија од обновливи извори“, рече Ското, кој додаде дека читал многу за нашата земја и бил импресиониран фактот што отсекогаш успевала да ги надминете конфликтите на мирољубив начин.

Тој истакна дека е голема чест за „Акио Eнерџи“ што го помина процесот на селекција и што му беше доделен статус на стратешка инвестиција.
„Ова е всушност уште една демонстрација на силната врска меѓу Северна Македонија и Франција, почестени сме што ја претставуваме француската инвестиција во вашата земја. Ќе работиме со сите релевантни чинители за да го изградиме најдобриот соларен проект на услуга на вашите граѓани. Како резултат на оваа инвестиција во земјава се инјектираат 620 GWh чиста енергија, заштедени се 380.000 тони CO2 годишно, а ќе се обезбедат над 94.000 домаќинства со чиста енергија. Дополнително креираме вработувања за локалното население“, рече Ското и додаде дека одлуката за инвестиции во зелената енергија е навистина пат кој треба да го следат сите земји на ЕУ и се надевам дека што побрзо ќе бидете во тоа семејство.
„Акио Енерџи“ основана е во 2007 година и е водечка компанија за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија во Франција. Располагаат со портфолио од над 1.100 MW на електрани од обновливи извори, главно фотонапонски електрани низ целиот свет. (Н.В.)